Три популарни и вкусни крем супи за ова време од годината

21 декември 2019

Дури и да не сте голем љубител на супи, ќе се согласите дека во зимскиот период тие знаат да бидат фантастичен избор - ќе внесете течности, ќе ве стоплат и ќе ви го окрепат организмот.

Ако пак, сте љубител на супи, тогаш сигурни сме дека ќе сакате да пробате некоја од трите крем супи кои ќе ви ги дадеме како викенд-рецепт. Доколку сте пробале некоја, споделете го вашето искуство.

 

Крем супа од тиквички

Потребни сосотјки: 4 тиквички, 1 праз, 1 пашканат, 2 резанки лук, неколку гранчиња тимијан, пола лажица кумин, 150 мл.вода, 150мл.млеко, сол, бибер, прстофат чили (по желба), маслиново масло;

Подготовка:

-Тиквичките измијте ги и исечкајте на крукчиња или коцки со еднаква големина (без лупење). Исчистете го празот, измијте го, па потоа исечкајте на крукчиња. Пашканатот излупете го и исечкајте на ситни коцки.

-Во сад загрејте го маслиновото масло, а потоа додајте го исечканиот лук и тимијанот (и чилито ако сакате), а потоа еднаш додадете го и празот. Оставете едно 7 -8 минути, а потоа додадете ги куминот и пашканатот и кратко продинстајте.

-Додадете ги тиквичките, а потоа водата, ставете сол и бибер и продолжете да варите на средно загреан оган околу 30 минути. Потоа сварените намирници изблендирајте ги или испасирајте, ќе добиете густа супа. 

-На крајот, додадете млеко, оставете супата кратко да зоврие, а по потреба додадете и црвен пипер. Можете да сполужите со нафора или печени лепчиња со маслиново масло.

 

Крем супа од компир

Потребни состојки: 1кг компир, 1 корен магдонос, 1 помал корен целер, 1 мало чешне лук, 500мл обична вода, сол, бибер, малку сланина, 2 лажици масло за јадење или стопен путер

Подготовка:

-Исчистете го и излупете компирот, измијте го и насечкајте на помали коцки. Коренот од целер, магдоносот и лукот исто така исчистете ги и исечкајте ситно.

-Путерот стопете го во сад за варење на тивок оган, а потоа додадете го лукот и динстајте додека не пожолти. Потоа додадете ги целерот и магдоносот и динстајте уште 5 минути. На крајот додадете го компирот. Динстајте уште 5 минути со редовно мешање. Потоа ставете сол, бибер, водата и варете додека компирот не биде готов.

-Кога компирот ќе биде готов, во супата додадете слатка павлака и варете уште две минути, па тргнете од оган. Со миксер (со маталките стапчиња) изматете ги состојките за да добиете фина кремаста текстура.

-Насечкајте ја сланината на коцки, и пропржете ја на тава без масло. Потоа ставете ја во супата и така послужете. Ако сте љубител на печурки, пропржете ги и нив со сланината, или додадете рендано тврдо сирење и зачини по желба.

 

 Крем супа од брокула

Потребни состојки: 500 гр. брокула, 1 праз, 2 резанки лук, 1 гранче свеж тимијан или лажичка сув, 200 мл млеко, сол, бибер, маслиново масло, малку кисело млеко.

 -Измијте ја брокулата и разделете ја на помали делови. Празот исчистете го и измијте, а потоа исечкајте на тенки крукчиња.

-Во сад ставете маслиново масло, загрејте го, па додадете го дробениот лук и тимијанот, а кога ќе замириса, додадете го и празот. Динстајте пет минути, додека празот не омекне.

-Потоа, во садот додадете борука и вода така да го покрие зеленчукот. Кога ќе почне да врие, ставете сол и бибер. Варете на среден оган околу 25 минути, односно додека брокулата не омекне.

-Со миксер изматете ја во густа смеса, додадете млеко и оставете да врие уште малку. По потреба зачинете повторно.

Кој би бил вашиот избор?

 

Објавено:
21 декември 2019
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
797 пати