Аксесоарите од Париз во знакот на футуризмот, масивноста и спојот на разни форми

3 октомври 2014

Совршени во својата изработка, впечатливи од прв поглед, ова се најинтересните модни додатоци кои беа претставени на модната недела во Париз.

Чевли од Миу Миу

Мијуча Прада колекцијата ја оцени како добра, со доза на резерва дека секогаш може и подобро, но сепак тоа што привлече внимание се чевлите, односно сандалите со панделка на предниот дел кои придонесуваат за дамски изглед и чизмите кои изгледаат како да се спој на салонка со чорапа.

Феминистички слогани на клач чантите на Шанел

Иако не привлече големо внимание со креациите, сепак мора да признаеме дека Лагерфелд е маестрален во оригиналните идеи за привлекување внимание. Овој пат на импровизираниот булевар меѓу другото се претстави со клач чанти со феминистички слогани кои се полн погодок!

Маските во колекцијата на Жан Пол Готје

Инспирацијата за новите колекции се црпат од различни места, а во последната на Жан Пол Готје имаме преработка на ликовите на познатите херои од филмската индустрија, но моделирани на уникатен начин. Целата мистичност околу криењето на лицето на моделите е доволна причина да ревијата биде една од најимпресивните на модната недела во Париз.

Чантите и чевлите на Луј Витон

Николас Гексиер, креативниот директор на Луј Витон реши промените на логото да ги најави токму преку модните додатоци. Односно покрај впечатливото лого на чантите, дури и потпетиците на чевлите беа во знакот на здебелувањето на буквите од познатото лого на брендот.

Спој на различни модели во уникатни чевли на Вионет

Ова е дефинитивно најнеобичниот модел на чевли кои ги презентираше Вионет на модната ревија, односно спој на патики, гладијаторки и чизми во единствен модел на чевли. Иако моделот не е популарен, сепак привлече големо внимание кај публиката.

Геометриска форма на ѓердани на Тјери Мугле

Креативниот директор Дејвид Кома реши да стави акцент на минимализмот, но внимание привлече со ѓерданите кои беа во знакот на геометриските форми.

Чантите на Карвен

Францускиот дизајнер Гијом Анри најави пролет во знакот на спортската елеганција и тоа токму преку моделот на чанти кои се впечатливи по својата форма, изработени од разни типови на кожа со впечатливи линии низ целиот модел.

Сандалите и синџирите на Стела Мекартни

Љубителите на помалата платформа се пресреќни со моделите на сандали кои ги претстави Стела Мекарни, кои се делумно спој на апостолките и гладијаторките, но изработени со ортопедска влошка, а тука се и масивните синџири за околу врат, кои даваат една покрута нота на целиот изглед.

Чанти со впечатливи прстени од Мезон Мартин Марџела

Модната куќа секогаш знае да привлече внимание со својата екстравагантност, а овој пат спојот на чанти со паричници и масивни прстени само уште еднаш ја докажа инвентивноста на модната куќа.

Футуристички модели на очила за сонце од Баленсијага

Александар Ванг за новата колекција реши да го остави зад себе минатото на Баленсијага и да гледа во иднината. Инспирацијата за очилата за сонце своите корени ги влече од „Матрикс“, а моделите се изработени од високо квалитетни материјали во футуристички концепт.

Објавено:
3 октомври 2014
Категорија: 
Модни додатоци