Избор на вистинскиот модел на обетки во согласност со вашата фризура

7 ноември 2013

Доколку имате важен настан на кој треба да присуствувате и скоро сте спремни, имате фустан, знаете која фризура е идеална за вас, но имате дилема во поглед на тоа кои обетки да ги комбинирате, а тие сепак да одговараат и на вашиот стил и на фризурата. Затоа еве ви листа за тоа кој модел на обетки со која фризура соодветствуваат.     Избор на обетки според формата на вашето лице Мошне е важно да го одберете вистинскиот модел на обетки кои одговараат на формата на вашето лице, бидејќи тоа е еден од клучните фактори. Ако имате тркалезно лице треба да избегнувате кружни форми на обетки, бидејќи тие ќе направат вашето лице да изгледа уште позаоблено. За оние со издолжено лице не треба да носите долги модели на обетки, бидејќи така уште повеќе ќе го издолжат вашиот облик на лицето. Оние кои имаат срцевидна форма на лице можат да ги комбинираат сите модели на обетки. Откако го решивме проблемот со формата на лицето сега на ред е изборот на обетки кои ќе одговараат со вашата фризура. Еве ви неколку совети.     Обетки за фризури со пунџи Пунџите се совршен избор на фризура ако сакате да ги нагласите вашите нови и убави обетки. Без разлика дали се работи за свечена прилика или формалност, одберете интересен модел на обетки со кои ќе блеснете. Ако вашата пунџа е бушава која одговара на вашиот секојдневен начин на облекување, тогаш одберете модерни и тренди дизајни на обетки, но доколку вашата пунџа е во класичен стил тогаш и обетките нека бидат елегантни, гламурозни и блескави. Друга варијанта ви се да искористите винтиџ модел на обетки оние на штипка кои ги имаат вашите баби и мајки и се уникатни модели, па ќе допринесете за уште по впечатлив изглед.     Обетки за кратки фризури Она што треба да го знаете при изборот на обетки, доколку имате кратка фризура е да одржувате баланс помеѓу вашата должина на коса и обетката. Не мора да бидат премногу екстравагантни и големи, туку едноставни и штосни. Можеби најдобар избор би биле некои интересни штосни форми кои не се многу големи, а за посвечени настани одберете бисерни и мали, така ќе го доловите вистинскиот ефект.     Обетки за средна должина на косата Кога вашата коса е со должина помеѓу брадата и рамениците можете да ги носите речиси сите модели на обетки, но внимавајте на вашиот облик на лицето. Па така можете да ги носите и најексцентричните модели до оние најделикатните во зависност од вашиот стил и пригода. Сепак доколку целта ви е да ги покажете вашите нови обетки, ставете ја косата зад увото од едната страна, за моделот да дојде до израз. Ако имате Боб фризура одберете обетки кои се малку подолги од линијата на косата.     Обетки за права и кадрава коса Без разлика дали имате права или кадрава коса, не заборавајте дека треба да носите обетки кои се токму спротивно од текстурата на вашата коса. На пример за кадрава коса, ќе одговараат обетки кои се долгнавести и слободно паѓаат, а за права позаоблени модели. Идеални се оние модели наречени „шандолирки“, големи и интересно украсени обетки кои ќе ве направат прекрасни во секој поглед.       Обетки за долга коса Факт е дека носењето обетки на долга коса може да биде и малку незгодно, па дури и неудобно. Долгата коса е тотално во фокусот, па така обетките ретко кога доаѓаат до израз. Меѓутоа со соодветна фризура можете да носите необични модели на обетки, затоа со помош на вашата фантазија и со согласност со фризурата и обликот на лицето одберете ги идеалните обетки за вас.     Обетки според бојата на косата За русокосите идеални се тиркизни обетки или обетки со кварцни дијаманти, бринетите ќе блеснат со светли бои на обетки. За нив идеални камења се аметистот, рубинот, опалот или сафирот. Додека за црвенокосите најдобри се зелените нијанси на камења.

Објавено:
7 ноември 2013
Категорија: 
Модни додатоци