Пролетва, во мода се враќа сè што е ретро тренд. Тоа наиде на поделени мислења. Додека едни се радуваат на необичните бои и форми кога се очилата за сонце во прашање, други сметаат дека на некои им е местото токму во минатото и би се држеле до посовремените или безвременски модели. 

Во продолжение погледнете кои се трендовите кои се издвојуваат за претстојнава сезона, па кажете ни што мислите вие за нив:

 

Мали и со мачкест облик

Ова дефинитивно беше модерно во 1990-тите. И тогаш, а и сега изгледаат некако футуристички. Најчесто се појавуваат во темни нијанси. 

 

Правоаголни

Да, буквално правоаголни и без рамки. И такви носевме некогаш, па ги заборавивме, но модните куќи одново го вратија и овој тренд. Го актуелизираат со метални додатоци или металик ефект.

 

Округли

Ленонките и сите варијанти на темата се добредојдени и оваа сезона. Ова веќе спаѓа во класик, кој се провлекува во сите годишни времиња. Пролетва посебно се актуелни во црвени нијанси.

 

Огромни

Очила за сонце што го покриваат целото чело или образите не секогаш изгледаат привлечно на нечие лице, но ете важат за тренд. Во различни облици и форми, важно е рамките да се што поголеми. Ако чувате дома некои такви од крајот на 1990-тите, или почетокот на 2000, тогаш не морате воопшто да купувате нови.

 

Рамки во боја 

Бели, сини, црвени... Шеесетите повторно се на модната сцена, овој пат преку очилата за сонце, а прва аосцијација на оваа декада се токму широките рамки во боја. Тие што преферираат ваква ретро естетика, веројатно ќе се израдуваат на оваа вест.

Објавено:
18 април 2018
Категорија: 
Модни додатоци
Прочитано:
803 пати