Оваа сезона задолжително набавете си цветно венче за вашата коса!

23 мај 2014

Со високите температури што неделава ја зафатија нашата земја, сега е вистинското време за преуредување на плакарот од каде ќе ги извадите летните алишта.

Веруваме дека досега можеби и сте си набавиле едно, но доколку сѐ уште не сте го сториле тоа, викендов е вистинското време да ја исправите грешката!

За да бидете впечатлива девојка и вистинска бохо кралица низ улиците, цветните венчиња се вистинскиот избор за вас оваа сезона. Истите можете да ги набавите во сите големини и бои, а доколку имате малку слободно време, венчето можете да си го направите и сама и тоа многу лесно.

Ако сега си велите дека овие венчиња се само за невестинските комбинации, мора да ви посочиме дека тоа не е воопшто точно. Иако истите изгледаат совршено на скоро секоја невеста, дозволени се и за оние сосема обични денови.

За дневна варијанта, одберете некое помалку впечатливо, со помали цветови и во пастелни и нежни бои, а за вечерната варијанта, бидете поегзотични со црвени цветови во вашата коса.

Она на што треба да внимавате доколку одберете масивно венче од цветови, е дефинитивно фактот што покрај истото, не смеете да носите друг впечатлив накит. Минималните обетки, незабележителното ланче или пак едноставниот часовник, се сосема доволни за да ја надополнат вашата цветна комбинација.

Колку за инспирација, белите фустанчиња, тантелните блузички и лелеавите здолништа се секогаш вистинскиот избор за комбинирање со цветните венчиња. Шминката секогаш нека биде минимална, со нежен розов или кармин во боја на праска!

Секако, кога веќе ќе заминете на летен одмор, сѐ ви е дозволено, па овие венчиња нека ви бидат вашиот верен придружник што и да правите!

Enjoy the summer!

Објавено:
23 мај 2014
Категорија: 
Модни додатоци