Погледнете ги сите модели чевли од колекцијата на Кристина Арнаудова!

23 април 2015

Вчеравечер во продавницата на P.S Fashion во трговскиот центар Сити Мол беше промовирана колекцијата чевли на македонската рок дива Кристина Арнаудова.

Арнаудова колекцијата ја направи во соработка со кумановскиот бренд за чевли Шевро, од каде всушност и ќе може да се нарачаат чевлите по визија на Кристина.

„Дизајнот на модни парчиња всушност е тренд секаде во нормалниот свет каде познатите личности се занимаваат со неколку работи, особено со дизајнирање на чевли, чанти и целосни модни линии всушност. Оваа колекција излезе многу спонтано, мојата соработка со Шевро почна минатата година кога почнав и по моја визија да си нарачувам чевли и во еден момент, ми дојде идејата дека би било супер да ја направиме оваа колекција, бидејќи јас имав многу идеи за чевли. И го предложив тоа на Магде од Шевро и таа со воодушевување го прифати и рече „ајде одма да почнеме да работиме, бидејќи немаме време“ (се смее). Иако, да бидам искрена, првично не знаев од каде да почнам бидејќи имав многу идеи, а никогаш не сум се занимавала со такво нешто, па да знам каков е процесот на работа. Првото нешто од што почнав, беа трендовите 2014/2015 и тоа какви материјали и дезени се користат, какви потпетици се носат и слично. Мислам дека сѐ тргна од ремчето, јас не сакам да носам чевли без ремче, ремче под глуждот и кај сите модели од колекцијата има ремче“, вели Кристина за fashionel.mk.

Колекцијата на Кристина се состои од вкупно 10 модели на чевли потпишани со нејзиното име, но има и четири модели на чанти што одлично се вклопуваат со моделите на чевли.

„Ќе ја дополниме колекцијата наскоро и со уште модели на чанти и со уште неколку чифта чевли. Овие што јас вечерва ги носам, се изработени пред точно седум дена со Сваровски кристали и истите се рачно поставени. Сите чевли може да се нарачаат во Шевро, бидејќи тие не работат сериско производство, односно тоа е буквално студио за изработка и дизајнирање на чевли. Исто така, може да се нарачаат и преку нивната Фејсбук страница и секако во продавницата на P.S Fashion во Сити Мол. Мислам дека следната колекција ќе биде застапена на повеќе места, бидејќи има голем интерес, значи само што се случи промоцијата, веќе имаме покани и за во четири други градови“, посочува Кристина.

Во однос на трендовите кај чевлите за претстојната сезона, Кристина вели дека дефинитивно не и се допаѓаат оксфордките и цветните дезени.

„Ова лето има еден тренд што мене воопшто не ми се допаѓа, а тоа се оксфордките и јас тие никогаш нема да ги ставам во мојата колекција (се смее). Претстојната сезона актуелни се боите, колоритот кај чевлите, актуелни се транспарентните моменти и џинс чевлите“, вели за крај Кристина.

Во продолжение во галеријата, погледнете ги сите модели од нејзината прва колекција.

Објавено:
23 април 2015
Категорија: 
Модни додатоци