Со почетокот на 2017 година, дизајнерот Кристијан Лубутан го претстави краткиот филм, со кој ја најави колекцијата за пролет-лето.

Неколку месеци подоцна, новите обувки и други модни додатоци се во продажба, а нивната цена се движи од 700 евра па нагоре.

Дизајнерот и овој пат се обиде да ги задоволи сите потреби и вкусови на жените кога се чевлите во прашање, па презентираше голем број модели.

Балетанки, гладијаторки, патики, сандали со тенки и дебели ремчиња, металик сјај, салонки со „шилци“ за оние што преферираат рок нота во изгледот - изборот е огромен. Покрај стандардните беж и црни обувки, актуелната понуда содржи и чевли во бела боја, нијанси на розова, црвена, тиркизна, сина...

Уште повпечатливи се и оние во боите на виножитото, како и чевлите со животински принт, флорален или колор-блок комбинации.

За оние што не се љубители на минимализам или едноставни чевли, Лубутан дизајнираше и такви со 3Д декор и текстура.

На клиентите им останува само да одберат, платат и во пролетта да зачекорат со самодоверба и сексапил.

Во галеријата погледнете ги останатите модели:

Објавено:
16 март 2017
Категорија: 
Модни додатоци
Прочитано:
1.447 пати