71-годишната Меј Маск проговори за семејното насилство: Ме нарекуваше глупава, грда, досадна...

16 ноември 2019

Мајката на технолошкиот генијалец Илон Маск, 71-годишната Меј Маск ги ужива најубавите години од својот живот. Таа е модна икона, важи за една од најпопуларните 50+ модели, инспиративна бизнис жена, моќна и влијателна и во општествен контекст, витална во осмата деценија, а жените ширум светот во неа препознаваат вистинска мотивација.

Но, во интервју за декемвриското издание на магазинот Harper's Bazaar, Меј Маск открива детали од нејзиниот живот што воопшто не се пријатни, напротив се однесуваат на вистински семејни трауми што сериозно ќе влијаат на нејзиниот животен тек.

Како млада мајка на три деца, во своите 20-ти години, таа била заглавена во нездрава брачна средина и била жртва на физичко и психичко семејно насилство.

„Сите што го знаеја го нарекуваа „свиња" бидејќи дури и во јавност ме третираше многу лошо. А јас бев премногу исплашена да зборувам со било кого за тоа. Како и секоја злоставувана жена, ми беше срам и знам дека со тоа направив грешка. Постојано ми велеше дека сум глупава, грда, досадна... Беше многу богат, но се погрижи да немам ништо...", вели Меј за нејзиниот поранешен сопруг и татко на нејзините деца, во својата емотивна исповед во интервјуто.

Конечно таа ќе се охрабри сите предизвици со кои се соочила во животот да ги срочи во книгата „A woman makes a plan" која треба да биде објавена на 31 декември и всушност е поводот за интервјуто. Но, низ странците на оваа книга Меј ќе се погрижи да ви долови и многу светли моменти, совети, нејзини омилени рецепти, па дури и никогаш претходно видени фотографии од неа и нејзините деца.

Често прашање кое ѝ го поставуваат се однесува на тоа како се одгледуваат деца-генијалци, со оглед на тоа дека нејзините деца се вонсериски успешни, секој во својата бранша, па оваа тема не е изоставена ниту во ова интервју.

„Сакате да знаете како да одгледате генијалци? Мислам дека правилно направив што ги оставив сами да ја развиваат својата страст и им дадов слобода да ги истражуваат сопствените идеи... Секогаш бев искрена со нив... Претпоставувам во смисла на тоа дека не ги третирав како деца, туку како луѓе...", вели Меј во одговорот на најчесто поставуваното прашање. Целото интервју може да го прочитате на Harper's Bazaar.

Интервјуто е пропратено со фантастична фотосесија со голема симболика, тематски поставена во контекст што е близок до професијата на Илон Маск. Меј е во улога на космонаут што е подготвен да ја освои Вселената...

Ништо не е невозможно...

Објавено:
16 ноември 2019
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
5.118 пати