Ајрис Апфел (96): Стилот не се учи...

2 февруари 2018

Најголемата бунтовничка меѓу модните икони, 96-годишната и секогаш инспиративна Ајрис Апфел, во едно интервју за магазинот „The Talks" извлекува интересни поенти кога е во прашање животниот стил и нејзината перцепција за истиот. Таа е позната по својот бескомпромисен став и затоа и најелитните модни кругови имаат голем респект за нејзиното мислење.

„Мислам дека повеќето луѓе не знаат кои се во суштина. Тие се чувствуваат сигурно ако изгледаат како другите луѓе или ако се облекуваат на начин за кој сите велат дена е „Ин". Не знаат што да облечат или како да ја носат облеката, а тоа ги прави несреќни. Но, стилот не се учи. Според мене, стилот е во нашата ДНК. Може да научите како да бидете модерни, како да се облекувате подобро, но стилот не се учи. Тоа е нешто внатрешно. Прво треба да знаеш кој си", вели Апфел, чиј автентичен стил е препознатлив по храбриот колорит и предимензионираните очила.

Во однос на нејзиниот личен стил, потенцира дека не е „пастелна" личност, што е и лесно воочливо со оглед на тоа дека секогаш во својот имиџ имплементира силни и интензивни бои.

„Пастелните бои ме нервираат. Никогаш не би можела да бидам како мојата мајка кај која во секое време изгледаше перфектно. Јас не сум таква. Нејзе сите ја гледаа на многу поинаков начин во однос на тоа како ме гледаат мене. Таа беше многу дисциплинирана во однос на модата. Не сум човек што планира. Ако треба однапред да планирам што би правела секој ден, би полудела. Човек сум што експериментира, љубопитна сум и сакам да пробам нови работи. Ако ми се допаѓа, повторувам", вели Ајрис во интервјуто.

Таа е родена њујорчанка, била сведок на радикални трансформации на градот во секој сегмент вклучително и од аспект на стилот на неговите граѓани. Па на прашањето: дали ви недостасува старата модна сцена во Њујорк, таа одговара:

-Имаше величествена модна сцена и мислам дека повеќе не е таква. Ако прошетавте по Петата авенија во 50-те или 60-те, сите изгледаа толку убаво. Сега ако си педантен и добро облечен, изгледаш како „фрик". Беше еден сосема поинаков свет. По војната, Диор го донесе „новиот изглед". Тој правеше облека со волуменизирани здолништа и го врати духот на модата. А политичката клима, економијата, општествените навики – сето тоа се рефлектира на модата.

Ајрис Апфел во третата доба од својот живот стана особено популарна кај дизајнерите, има снимено бројни кампањи и реклами за повеќе луксузни брендови, модниот свет е фасциниран од нејзината агилност, стил и страст за животот, а за сите нас е вистинска инспирација.

 

Објавено:
2 февруари 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.322 пати