Албино девојка: Ја нарекувале наказа, а сега е успешен модел

8 февруари 2014

Сара Рајт (18) е родена со албинизам, или недостиг на пигменти во кожата, косата и очите на луѓето поради што истите се бели, и поради тоа таа се соочила со вистинска тортура во нејзиното училиште.

Нејзините врсници многу често ја малтретирале и ја нарекувале со погрдни имиња, само поради тоа што физички била поинаква од нив. Денеска, прекрасната Сара е победничка во британски избор за алтернативна манекенка на годината и повторно верува во сопствената убавина.

Таа била родена со ова пореметување поради кое не само што имала целосно бела коса и кожа, туку и очите и биле недоволно развиени, па била скоро слепа. Луѓето постојано и зборувале на нејзината мајка дека Сара нема да може да го прави сето она што го прават нејзините врсници, но таа за среќа одбила да верува во тоа, па ја поттикнувала нејзината ќерка без проблем да си ги извршува обврските и да се дружи со сите деца.

Како што минувале годините, нејзиниот вид се поправил, а таа не се грижела многу за тоа како изгледа, сѐ додека не влегла во пубертет. Тогаш сфатила дека е поинаква.

Другите девојчиња и се смееле за време на часовите по физичко образование, бидејќи била многу бледа. Како сето тоа малтретирање да не било доволно, таа била мета и на сајбер напади. Луѓето постојано ја фотографирале, а потоа ги ставале нејзините фотографии на социјалните мрежи со потпис „Наказа“. Ваквото малтретирање се одвивало со години, па таа почнала да се чувствува лошо и безвредно.

„Не се чувствував како личност, туку како болест. Мајка ми постојано ми зборуваше да не ги слушам другите, дека јас само изгледам впечатливо и дека еден ден ќе дојде мојата шанса да заблескам. Но, јас не и верував и постојано го криев лицето со косата“, вели Сара.

Токму во тие, за неа лоши моменти, нејзината пријателка и покажала како да експериментира со шминката. Тоа направило таа да се чувствува како сосема друга личност и да има поголема самодоверба.

Таа била ултра интелигентна девојка, па училиштето го завршила на 16 години и веднаш се запишала на колеџ. Тогаш ја скартила и косата и се чувствувала многу посигурно во себе. Сосема случајно се пријавила и на аудиција за британски алтернативен модел на годината. И покрај нервозата и тремата, таа се пријавила и победила. Сега постојано добива понуди за работа и е пресреќна.

„Драго ми е што докажав дека оние луѓе што ме малтретираа не беа во право. Четири години од животот ми беа како пекол. Но, на некој начин, тие ми направија и услуга, бидејќи никогаш порано не сум помислила дека ќе стигнам до ове. Сега повеќе не чувствувам потреба да се кријам, туку сум горда на она што сум“, раскажува Сара.

Објавено:
8 февруари 2014
Категорија: 
Сцена