Во Калифорнија вчера се одржа 23-тото издание на манифестацијата Critics Choice Awards, на која присуствуваа голем број од познатите личности.

Комплетната листа на добитници можете да ја видите на линкот ТУКА, но она на што ние ќе се задржиме во продолжение е модната на црвениот килим.

Поддршката за жртвите на сексуално насилство во облик на црни креации на црвениот килим беше резервирана само за „Златен глобус“. После тоа сè се врати на старо и ѕвездите вчера понудија поинаков избор на креации.

Да биде работата интересна, белата боја се појави како доминантен тренд, сосема спротивно на она што го видовме на „Златен глобус“.

Меѓу оние за кои најмногу се зборува ден потоа се креациите на Анџелина Џоли и Грета Гервиг.

Џоли се појави во креација на Ралф и Русо. Се работи за фустан со пердуви во горниот дел и асиметрично здолниште. Со оглед на тоа дека горниот дел е во вид на топ без ракави, до израз дојдоа и тетоважите на актерката кои повторно побудија интерес на медиумите.

Грета Гервиг пак, се одлучи за долг широк плисиран фустан од брендот „Фенди“. Она што го прави посебно впечатлив е срцето во предниот дел, со што оваа креација е прогласена за “најромантична“ од страна на модните медиуми. 

Покрај овие две, со храбрата комбинација во пастелни бои од „Делпозо“, Киера Шипка е исто така од оние што оставија впечаток вчеравечер.

Никол Кидман уште еднаш покажа дека може да заблеска и во најризичната комбинација, како што е на пример розово од глава до петици. Романтичниот фустан со потпис на „Валентино“ одлично ѝ прилега, па не изненадува фактот дека се најде на листата на најдобро облечени од минатата вечер.

Сите креации од црвениот килим можете да ги погледнете пак, во галеријата погоре. Домаќин на вечерта беше прекрасната Оливија Мун, која пак се појави во црвена креација на “Прада“.

Објавено:
12 јануари 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.123 пати