Апартманот на Кери Бредшо во комплетно нов дизајн

11 јули 2014

Уредниците на ELLEDecor.com, кои беа и главните декоратери на апартманот во кој живееше славна новинарка Кери Бредшо од мега серијата „Сексот и градот“, решија да направат вистински дом инспириран токму од ентериерот на популарниот апартман.

Всушност, самата Кери Бредшо чија улога ја толкуваше актерката Сара Џесика Паркер, повеќе беше заинтересирана за дизајнирање на совршен гардеробер каде ќе може да ги смести убавите и луксузни парчиња облека и фамозните Маноло Бланик чевли.

Бидејќи вистинскиот апартман од серијата која ги сруши сите рекорди на гледаност беше всушност еднособен стан, тимот на ELLEDecor.com реши да креира нов простран апартман кој ќе биде целосно во духот на стилот на Бредшо, уреден со оригинални парчиња мебел кои се целосно реставрирани, надополнети со колоритни детали и предмети за да се разбие белата основа која е асоцира смиреност и чистина и нормално огромен плакар за кој секоја жена сонува.

Новиот дом е наоѓа во Бруклин и ги исполнува сите желби и потреби на една модерна и урбана жена чие секојдневие е обоено со динамичен и весел живот.

Според информациите во дел од медиумите се вели дека одговорните решиле овој преубав апартман да и го поклонат на актерката Паркер која на еден невообичаен начин ја „оживеа“ улогата на новинарката која стана пример за многу жени ширум светот. Дали ќе биде така или не ќе видиме, а во продолжение погледнете ги фотографиите и инспирирајте се за да вметнете некоја нова идеја и во вашето интимно домашно катче.

Објавено:
11 јули 2014
Категорија: 
Сцена