Блејк Лавли во тотална хармонија со природата на насловната на Vogue

19 јули 2014

Омилената „Озборувачка“ од мега популарниот серијал „Gossip Girl“, русокосата актерка Блејк Лавли, по трет пат заслужи да се најде на насловната на американски Vogue за месец август.

Познатиот фотограф Марио Тестино реши Лавли да ја „зароби“ во југозападниот шик и природната убавина на кантри идилата, амбиент во кој актерката совршено се вклопи и докажа дека таа е во целосна хармонија со природата. Блејк позира, со насмевка на лицето, едноставна шминка, разиграна фризура, облечена во понча, палта и здолништа со реси, фустани со етно апликации, надополнети со марами, во друштво на нејзините омилени каубои кои ја учат да јава коњ.

Актерката која изминатиов период беше актуелна како заштитно лице во кампањите за Гучи и Лореал Париз, во интервјуто за списанието буквално ја соголува душата и открива детали за својот приватен живот, за нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс, без кого не може да си го замисли животот, зборува за нејзиното семејство, за работата...

„Медиумите пласираа премногу невистини за мене и сметав дека е вистинско време да ме видите во вистинско светло“, вели Лавли.

Објавено:
19 јули 2014
Категорија: 
Сцена