Бруно Марс триумфираше на 60-те Греми награди!

29 јануари 2018

Најпрестижните награди во музичката индустрија, Греми, беа доделени вчеравечер по јубилеен 60-ти пат.
Настанот се одржа во њујоршкиот Madison Square Garden, а Џејмс Корден по втор пат беше фантастичен домаќин.

Ноќта помина во знакот на Бруно Марс, апсолутен победник во најзначајните категории меѓу кои: албум на годината за „24KMagic", снимка на годината за главната нумера на албумoт и за песна на годината за „That's What I Like".

Во поп категориите доминираше Ед Шеран, кој ја освои и наградата за најдобра поп изведба за „Shape of you", додека во сферата на рап музиката доминантен победник беше Кендрик Ламар кој освои пет златни грамофони. Воедно Ламар, заедно со Боно од U2 ја отворија церемонијата со изведба на песната „XXX".

Џеј Зи иако беше номиниран во осум категории, годинава не освои ниту една статуетка, но затоа пак заедно со неговото семејство, сопругата Бијонсе и малата Блу Ајви беа во центарот на медиумското внимание.

Голем дел од женските изведувачи кои беа номинирани како Лајди Гага, Кеша, Лорд останаа исто така без статуетки, освен Алесија Кара која го освои признанието за најдобар нов уметник и со тоа беше единствена жена која доби некоја од главните награди.

Ријана имаше забележителен настап на големиот хит „Wild thoughts", додека пак Ерик Чрч, Марен Морис и Браќата Озборн ја извадоа „Tears in Heaven", емотивен трибјут за музичките обожаватели кои загинаа при напади на фестивали и концерти минатата година, додека Лејди Гага својот сентиментален настап го посвети на нејзината тетка.

Пораките против сексуалното насилство и сексизмот и овој пат беа симболично пренесени преку белите рози што голем дел од гостите ги носеа со себе на црвениот килим.

Кога сме кај црвениот килим, Лејди Гага доминираше со својата драматична автентичност во креација на Армани. Покрај неа забележително беше и појавувањето на Криси Тајген, Лана дел Реј, Рик Рос...

Комплетната листа на добитници на Греми наградите може да ја проследите на овој линк.

Фото извор: Getty images

Објавено:
29 јануари 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
656 пати