Чизми, јакни и алки – модното тројство во плакарот на Оливие Рустенг

26 декември 2014

Како што одбројуваме до крајот на годината и сите сме окупирани со тоа каде и со кого да ја поминеме најлудата ноќ и што да облечеме, машинеријата наречена шоу бизнис работи со полна пареа. Имено, во рамките на модната индустрија не можеме, а да не констатираме дека брендот Балман имаше исклучително успешна година, особено со последната рекламна кампања за пролет – лето 2015, каде главните улоги им беа доделени на Ким Кардашијан и Канје Вест. Виновникот за успешното менаџирање на куќата е креативниот директор Оливие Рустенг, кој во модните кругови, критиката го дефинира како еден од ретките креативци кој со својот талент создава модна уметност.

Рустенг вели дека не ја крие формулата за успех, бидејќи ја нема, едноставно „копа“ во себе и со неверојатен жар креира модни приказни кој ми ги диктира срцето.

„Париз е навистина инспиративен град. Дури и утринското кафе во најблискиот кафе – бар, разговорот со пријателите, движењето на луѓето или погледот на келнерката може да бидат доволни за во мене да се роди некаква желба која ќе биде насока во моето понатамошно креирање на парчиња облека и колекции“, откри Рустенг.

Наместо да правиме ретроспектива на најдобрите колекции и парчиња облека кои ги дизајнирал Рустенг, решивме дизајнерот да ви го доближиме од еден поинаков аспект, па направивме краток преглед на неговите омилени парчиња облека.

За младиот Оливие, најважно за секој човек треба да е изборот на чевли. Тој лично најмногу ги сака чизмите и има неколку пара. Сите се во каубојски стил, високи до над глуждот, кожени и со минимални детали на нив.

„Колку поистрошени и избледени толку подобро. За да ја зграпчам динамиката на секојдневието морам на себе да носам одличен пар чизми“, вели дизајнерот.

Најголем фетиш му се палтата, јакните и капутите. Ги има неколку, во различни бои и должини. Во едно свое интервју вели дека обожава да ги носи дури и во лето, бидејќи смета дека без соодветна јакна неговиот изглед не е целосен. Во однос на модните додатоци, дизајнерот обожава накит, особено синџирести масивни и кожени алки за на рака. Сака да работи во чиста, пространа, бела просторија која во одредени делови е декорирана со мозаик од неколку украсни елементи, а уште подобро доколку тие се обоени во свеж и разигран колорит. Ги сака и големите огледала, погледот од неговиот апартман, утрата во Париз, светилките, долгите патувања и среќните моменти со пријателите.

„Балман е модна куќа каде можете да најдете неверојатни модели и кроеви на парчиња и модни додатоци кои сигурно ќе ве фасцинираат. Дел од нив се премногу скапи, но дел се со достапни цени. Балман е за луѓе со став, Балман не е само облека туку многу повеќе од тоа. Балман е начин на живот и ако сте навистина смели и бестрашни дојдете кај нас“, споделува креативниот директор Рустенг кој има остварено соработки со голем број познати личности, а негова муза е Ријана.

 

 

Објавено:
26 декември 2014
Категорија: 
Сцена