Црвениот килим на BAFTA балансираше помеѓу совршено и катастрофа

9 февруари 2015

Вчеравечер во Лондон, по 68-ми пат беа доделени престижните филмски BAFTA награди, британски пандан на Оскарите.

Во гламурозниот амбиент на Ковент Гарден, покрај тоа што главниот фокус на вниманието беше на добитниците на филмските признанија, како комплетната слика на манифестацијата  да го губеше целиот сјај и престиж поради несоодветно стилизираните изгледи на црвениот килим.

Токму таквите доминираа на црвената патека која на моменти изгледаше како парада на ексцентрици, но во негативна конотација.

И покрај целиот тим од стилисти, дизајнери, фризери и визажисти, кои се потпишуваат зад изгледот на познатите, сепак на годинешниве BAFTA награди видовме повеќе „утки“ отколку стилски решенија кои ќе соодвествуваат на големината и значењето на самиот настан.

Од една до друга крајност, или премногу тесни или премногу широки, па дури и вреќести фустани, ракавици без прсти кои наголемо ги вратија 80-те, лошо имплементиран PVC, претерано натапирани фризури,  чудни кроеви и пренатрупан накит – вака од прилика би ја генерализирале и не баш стилската патека на британските филмски награди, секако со неколку вредни исклучоци.

Британската пејачка Мика Леви очигледно во дефинирањето на својот изглед била инспирирана од врнежливиот Лондон, па превентивно избрала предимензионирано PVC палто и чевли на висока платформа што комплетно одговара на уличниот градски стил, но во никој случај не е соодветен изглед за BAFTA наградите.

ИТ девојката Хофит Гола, претерала во секој аспект: и во однос на кроевите на тоалетите кои по својата драматичност би биле посоодветни за некое ТВ шоу и во однос на фризурата  и модните додатоци.

Видовме и неколку варијанти на тоалети со тантела кои делуваат недовршено и безмалку ефтино или пак едноставно не одговараат на силуетата на дамите што ги носат како во случајот на Сиена Гилори и Натали Дормер , која  покрај фустанот во кој изгледаше елегантно, направила несоодветна комбинација со ракавици без прсти исто така од тантела што ги врати 80-тите во непосакувана варијанта.

Актерката Ромола Гари делуваше како да го промашила својот конфекциски број, па одбрала здолниште и блуза неколку броја поголеми, а покрај тоа и несоодветниот избор на материјали ја направи оваа интересна комбинација од пастелни нијанси, не толкку пријатна и соодветна за црвен килим.

Секогаш убавата Моника Белучи, ретко прави модни грешки. Една таква имаше и вчеравечер, кога се појави во црна тоалета со ѕвонести ракави што наликуваше на стилот на Мортиша Адамс. Сепак, во овој минималистички изглед, висечките обетки и даваа доза на грациозност.

Но,   стилските исклучоци на кои им се воодушевуваме останаа доследни на суштината  и престижот кој со себе го носи оваа манифестација, па го одржаа балансот на црвениот килим.

Исклучително воодушевија со својот изглед: Розамунд Пајк,   Рис Витерспун, Лора Бејли Исклучително воодушевија со својот изглед: Розамунд Пајк, Рис Витерспун, Лора Бејли

Џулијан Мур важи за една од најдобро облечените актерки на црвениот килим. Така беше и овој пат. Изгледаше совршено во црвена тоалета од Том Форд со длабок отвор во делот кај деколтето, облагородена единствено со минималистички накит.

Кира Најтли иако во последниов период беше критикувана за нејзиниот изглед на црвениот килим, овој пат беше вистинска романтична принцеза во фустан со цветни детали од Џамбатиста Вали.

Ејми Адамс беше олицетворение на безвременската дефиниција: Помалку е повеќе, во елегантна бела тоалета од Ланван со суптилен сирена крој и нагласена половина со украсни камења и ремен-јаже што и даде една  тотално урбана димензија на нејзината појава.

По 10-ти пат во неговата кариера, Стивен Фрај беше водител на церемонијата за доделување на BAFTA наградите.

Награда за најдобар филм: Boyhood Награда за најдобар филм: Boyhood

 

Листа на наградени со BAFTA признанија за 2015:

Најдобар актер за главна машка улога: Еди Редмајн, „The theory of everything“

Најдобра актерка за главна женска улога: Џулијан Мур, „Still Alice“

Најдобар филм: „Boyhood“ во режија на Ричард Линклатер

Најдобар актер во споредна машка улога: Џеј Кеј Симонс, „Whiplash“

Најдобра актерка во споредна женска улога:  Патриша Аркет, „Boyhood“

Најдобар режисер:  Ричард Линклатер  „Boyhood“

Најдобар британски филм: „The theory of everything“

Најдобро сценарио: Вес Андресон за „ The Grand Budapest Hotel “

Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје:  „IDA“  на Павел Павкликовски

Најдобар документарен филм: „Citizenfour“ на Лора Поитрас

Најдобар анимиран филм: „Lego movie “

Најдобра филмска музика:  „The Grand Budapest Hotel “,Александр Депла

Најдобра костимографија:  „The Grand Budapest Hotel “,Милена Канонеро

Најдобра продукција: „The Grand Budapest Hotel “

Најдобра фризура и шминка: „The Grand Budapest Hotel “

Најдобар звук: „Whiplash“

Во галеријата во продолжение погледнете ги успешните и не толку успешните стајлинзи на познатите кои се појавија на црвениот килим на доделувањето ан BAFTA наградите.

 

 

 

Објавено:
9 февруари 2015
Категорија: 
Сцена