Во Калифорнија завчера вечер се одржа годинашното издание на „Ем-ти-ви“ музичките видео награди.

Домаќин на вечерта беше пејачката Кејти Пери, која воедно имаше и пет номинации, но ниту една награда.

На сцената се појави во неколку комбинации, но најдобриот избор беше асиметричната креација на Стефани Роланд.

Инаку, кога е црвениот килим во прашање, овие музички награди со години наназад биле омилени токму поради откачените модни комбинации што сме ги гледале.

Се сеќавате на фустанот од месо на Лејди Гага, шокантното издание на Кортни Лав или пак Амбер Роуз? Но, со годините црвениот килим на оваа манифестација станува сè подосаден, но не и софистициран.

Годинава отсуствуваа и големи имиња како Ријана, Бијонсе, или повторно, Лејди Гага, што би внеле поинаков сјај со сигурност.

Алесандра Амбросио

Но, од она што го видовме, меѓу најдобро облечените се Алесандра Амбросио, која се појави во по малку футуристичка комбинација. Одлично изгледаше и Јара Шахиди, чиј избор пак беше креација од брендот „Цимерман“.

Јара Шахиди-

Деми Ловато го привлече вниманието со украсените, светкави и изработени од тантела шалвари и горен дел, креација на Зухаир Мурад. Инаку, и моделот Хејли Болдвин носеше негова креација, златен комбинезон од тантела, кој одлично ѝ прилегаше.

Деми Ловато

Хејли Болдвин

Сепак, еден од фаворитите на модните стручњаци е Парис Џексон. Ќерката на поп-кралот Мајкл Џексон се појави во комбинација од модната куќа „Диор“ што е во склад со нејзиниот стил. И Мили Боби Браун е една од најдобро облечените според светскикте модни магазини, која носеше фустан од брендот „Родарте“.

Парис Џексон

Мили Боби Браун

Изненадување на вечерта убедливо беше Амбер Роуз, која се појави со долга црна коса и транспарентен, секси светкав фустан, долг, со долги ракави. Не се сеќаваме дека сме ја виделе пооблечена од сега. А за колку драстична трансформација се работи, доволно е да ја погледнете фотографијата од изданието на Амбер на црвениот килим на настанот од 2014 година и сега.

Ники Минаж остана доследна на својот ПВЦ-изглед, а меѓу оние што и не ни се допаднаа баш дефинитивно е и Кеша, која одбра долг фустан од тул од брендот „Монсури“, кој и не ѝ направи услуга.

Кеша

Тејана Тејлор, кореографка, која ја освои наградата за најдобра кореографија за спотот за песната на Канје „Fade“ беше копија на Џенет Џексон од црвениот килим на манифестацијата 1995 година. Многумина го издвојуваат ова и како највозбудлив моден момент на годинашното издание на настанот, заедно со модната ускладеност на Пинк со нејзиниот сопруг и ќерката.

Пинк

Инаку, главна вест на медиумите веќе втор ден по ред е нејзиниот емотивен говор, кој можете да го прочитате ТУКА.

Лорд беше можеби и негативно изненадување на вечерта. Позната е по својот интересен и необичен стил, па разбирливо очекувањата беа големи. Но, таа не можеше да избере посигурна варијанта – долг фустан со волуменозно здолниште покриено со педуви, креација на Моник Луилие.

Лорд

Јасмин Сандерс, беше како Џејн во креација на Москино и се најде на листата на најлошо облечени.

Во галеријата горе можете да ги погледнете најдобрите и најлошите креации од настанот.

Кога се наградите во прашање пак, завчеравчер најмногу причини за славење имаше Кендрик Ламар. Тој освои шест награди од вкупно 15 и тоа за видеото за песната „Humble“. Меѓу наградените се најдоа и Ед Ширан, „Fifth Harmony“, Зејн Малик и Тејлор Свифт која промовираше и нов видео-запис, кој за два дена има речиси 50 милиони прегледи.

Пинк ја доби почесната награда што го носи името Мајкл Џексон, а дел од останатите наградени се и:

Видео на годината

Кендрик Ламар – HUMBLE 

Изведувач на годината

Ед Ширан 

Најдобар нов изведувач

Калид

Најдобра соработка

Зејн и Тејлор Свифт – I Don't Wanna Live Forever (Fifty Shades Darker) 

Најдобро поп видео

Fifth Harmony featuring Gucci Mane – Down 

Најдобро хип-хоп видео

Кендрик Ламар – HUMBLE.

Комплетната листа на номинирани и наградени погледнете ја ТУКА.

Објавено:
29 август 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.843 пати