Дамите во креации на Елена Лука – авангардни и впечатливи на „Story“ наградите

21 март 2018

Сцената и шоу бизнисот секогаш бараат појава која ќе биде и визуелно впечатлива и ќе го задржи вниманието, со авангардно отстапување од стандардите. Затоа, сценскиот изглед задолжува сериозен ангажман што ќе одговори на професионалниот однос на јавната личност кон својата дејност.

Токму во тој контекст, на вчерашното доделување на „Story“ наградите, што за прв пат се одржаа кај нас, а е една од ретките манифестации од таков карактер во нашата земја, неколку дами кои покрај тоа што ги поврзува успешната кариера и се докажани професионалци, уште една заедничка нишка е нивната соработка со нашиот моден бренд Елена Лука – што и вчеравечер се покажа како успешен пример како треба да се изгледа на сцена или на настан од ваков карактер.

Лила Стојановска (која го доби признанието за „Тв Личност на годината"), Тијана Дапчевиќ („Уметничка трансформација" на годината), Вера Мештеровиќ, познатиот македонски модел, како и познатата модна блогерка Љупка Митрова, беа дел од дамите што вчеравечер го освоија вниманието во авангардни и раскошни креации на Елена Лука.

Секоја од нив посебна на свој начин и го даде женствениот карактер на секоја од уникатните креации.

Лила во драматична, асиметрична креација со масивни карнери во комбинација со транспарентна мрежа украсена со светкави камчиња – беше во фокусот на вниманието, а таа совршено знае со тоа да се носи.

Тијана изгледаше перфектно во фустан што повторно е одраз на нејзиниот личен стилски сензибилитет и нејзината бескомпромисна индивидуалност, во раскошен, асиметричен крој со неконвенционални детали во горниот дел што и даваат особено шармантен печат на креацијата.

Топ моделот, прекрасната Вера Мештеровиќ која беше една од највпечатливите гостинки на настанот, е стилизирана во елегантна верзија на романтичен црн макси фустан, во комбинација на карнери и транспарентни делови, а струкот и беше нагласен со тенок ремен што важи за една од актуелните, светски модни тенденции.

Познатата модна блогерка, Љупка Митрова заблеска во ексклузивна и сензуална креација на Елена Лука, во сирена крој, со совршено дефинирана линија што ја потенцира нејзината силуета. Раскошната тоалета е со корсетиран горен дел, со прецизно и внимателно изработени детали што ја нагласуваат врвната естетика на креацијата во чија изработка е користена и богата тантела со кој се заокружува севкупниот, совршен впечаток.

Објавено:
21 март 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
4.523 пати