Детали за свадбата и медениот месец на Џоли-Пит

1 септември 2014

По објавувањето на веста дека планетарно познатиот холивудски пар Џоли-Пит го конечно го кажаа судбоносното „Да“, целиот свет посака да дознае што повеќе детали за големиот настан чија церемонија беше комплетно скриена од очите на јавноста и медиумите.

После седум години заедничко живеење и шест деца, актерите решија свадбата која ќе ја круниса нивната вечна љубов да ја одржат изминатата сабота во малата капела во францускиот дворец каде всушност и живеат. На церемонијата парот поканил само 22-ца гости и целиот амбиент не бил воопшто луксузен и гламурозен, туку свадбата била навистина скромна и едноставна. Близок пријател кој бил присутен на венчавката, открива дека фустанот што го носела Анџелина бил традиционален и комплетно во нејзин стил. Станува збор за удобна и едноставна бела тоалета изработена од комбинација на свила и тантела. Со фустанот Џоли носела златен медалјон околу вратот на кој била поставена фотографија од нејзината мајка и долг вел кој брановидно паѓа по должината на нејзината силуета.

Сè уште нема официјални информации за тоа кој дизајнер ја има креирано тоалетата на Џоли, иако во неколку наврати се спомнуваат имињата на Версаче и Сен Лоран како потенцијални кандидати, бидејќи актерката е нивна голема обожавателка и за нејзините појавувања на црвениот килим најчесто можеме да ја видиме во нивни креации.

Сите шест деца на славниот пар биле присутни на венчавката и имале свои мали улоги. Најмалите фрлале цвеќиња по патеката пред да пристигне невестата. Средните деца и го држеле велот и фустанот на Џоли додека да стигне до олтарот, најголемите ги донеле прстените кои ја претставуваат силната врска и љубов на овој познат пар.

„Момчињата беа облечени во одела изработени од лен во беж нијанса, за да наликуваат на својот татко, а девојчињата имаа можност сами да си ги одберат фустанчињата во кои изгледаа прекрасно и преслатко“, изјави близок пријател на парот.

Инаку, после венчавката Анџелина Џоли и Бред Пит заминаа на меден месец на островот Гозо, во близината на Малта, каде всушност ги прават и последните подготвки за новиот филм кој ќе го снимаат заедно. Новопечените сопружници, ќе поминат два месеца на Медитеранот, снимајќи го филмот „By the Sea“. Бидејќи двете ѕвезди не сакаат никој да ги вознемирува додека работат, на мештаните им платиле висока сума пари за да го напуштат островот на два месеци.

 

 

Објавено:
1 септември 2014
Категорија: 
Сцена