Раперот го призна неверството и откри како се спасиле од развод

Џеј Зи: Не можев да се поврзам со Бијонсе

30 ноември 2017

Најновото интервју на Џеј Зи за „Њујорк Тајмс“ ја разбранува јавноста. После долгите претпоставки и инцидентот со Солнаж во лифтот од пред неколку години, раперот конечно јавно проговори за проблемите во бракот и го призна неверството.

„Мораш да преживееш. Се ставаш на режим за опстанок и што се случува? Ги исклучуваш сите емоции. Дури и оние кон партнерката. А ако се исклучиш емоционално, не можеш да се поврзеш... Во мојот случај, тоа беше длабоко и сите работи започнаа оттаму. Се случи неверството“, вели Џеј Зи во интервјуто.

Тој додава дека многу лузни носел од детството и тешкото минато. Борејќи се со нив, ја оттурнал сопругата, за која ќе каже дека е прекрасна.

За да се справи со проблемите, почнал да оди и на психотерапевт, кој му го препорачале блиски пријатели. Но, неговиот албум „4:44“ и оној на Бијонсе „Lemonade“ се всушност нивната најголема и најуспешна терапија, која на крајот и го спасила бракот, кој трае 9 години..

„Ја користевме нашата уметност како терапија. И почнавме да правиме музика заедно. Музиката што таа ја правеше едноставно ѝ надоаѓаше и нејзиниот албум излезе прв, посебно од оној што го работевме заедно. Сè уште ја чуваме таа музика. Тоа се случи. Никогаш не дојдовме до точка да си речеме: „Јас правам албум посебно“. Постојано бев присутен таму“, објаснува раперот.

На прашањето дали слушањето на крајниот резултат од уметничката терапија на двајцата, предизвикало болка, Џеј Зи ќе каже:

„Секако. Беше болно и непријатно... Но, најдоброто место при ураган е неговата средина. Ние седевме токму таму, во центарот на болката. Беше непријатно. Имавме многу разговори, долги разговори. Јас бев горд на музиката што таа ја создаде, и таа беше горда на уметноста што излезе од мене. На крајот од денот, сепак имавме голема почит еден кон друг. Бијонсе е прекрасна. Знаете, повеќето луѓе си заминуваат и стапката на разводи е голема, затоа што повеќето луѓе не можат да погледнат во себеси. Најтешката работа е да гледаш болка на нечие лице, за која си ти виновен, што ти си ја предизвикал и треба да се справиш и соочиш со себеси, за сè што си направил. Повеќето луѓе не го сакаат тоа и затоа си одат и се разделуваат“, смета продуцентот.

Не крие дека ова искуство, иако тешко и болно, му помогнало да созрее уште повеќе како човек, татко и сопруг.

„Пораснав многу од ова искуство. Научив дека сè е поврзано. Секоја емоција е поврзана и доаѓа од секаде околу нас. Да се биде свесен за тоа секој ден од животот, е голема предност“, вели Џеј Зи.

Во интервјуто проговори и за тоа како неговиот однос со мајка му е исто така значително подобрен. Во тинејџерските денови тој дознава дека таа е геј.

„Тоа го сфатив додека уште бев млад. Но, никогаш не зборувавме отворено на таа тема, но тоа едноставно постоеше. Сите знаеја. Сè до сега. Од неодамна почнавме да имаме убави разговори и навистина добро да се запознаеме еден со друг. Отсекогаш бевме како добри пријатели, но сега сме одлични. Сега разговараме како пријатели. Таа сподели со мене дека е вљубена. Сега може да биде своја. Не мора да се крие или да се чувствува како да ги срами своите деца. Но, порано времето беше многу поинакво. Сега, може да го живее животот со полна пареа и да биде своја“, открива музичарот.

Покрај овие теми, главна беше и темата за расизмот, за тоа како тој преку музиката сака да остави порака за другите генерации, вклучувајќи ги и своите деца.

„Постои еден специфичен баланс... Морате децата да ги воспитувате и образувате во рамки на светот што постои денес. На моето дете денеска не му се потребни истите алатки што мене ми биле потребни кога сум растел. Мене ми требаа одредени алатки за да преживеам во средината, но моите деца растат во различна средина. Сепак, тие ќе мора да ја знаат својата историја. Да имаат чувство и знаење колку чинело тоа за тие денес да бидат онаму каде што се. И да имаат емпатија кон другите. Најважната работа во сето ова е да ги научите децата да сочувствуваат со другиот и да се идентификуваат со сите што страдаат, да знаат дека овие луѓе направиле жртва за нас и ни овозможиле да бидеме онаму каде што сме и да го унапредат тоа. Сметам дека тоа е најважната работа која треба да им ја покажам, бидејќи нема потреба да ги знаат работите што ги знаев јас кога растев. Нема потреба да бидат насилни и груби“, објаснува Џеј Зи.

Инаку, раперот е актуелен и поради годинашниве номинации за „Греми“. Ако лани Бијонсе беше во центарот на вниманието, оваа година си ги сменија улогите, па Џеј Зи доминира со осум номинации меѓу кои за најдобар албум и песна на година.

фото: people.com; billboard.com; elle.com; popsugar.com;

Објавено:
30 ноември 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
4.405 пати