Музичката дива Џенифер Лопез е позната по нејзините беспрекорни комбинации, а во една таква се појави и на настанот „Жените во Холивуд“, организиран од магазинот Ел.

На настанот, таа изгледаше совршено во дводелна комбинација од светски познатиот дизајнер со македонско потекло Тони Матичевски, составена од црно тесно здолниште со панделка и длабок шлиц и прекрасна свилена розова кошулка со детал од страната.

Комбинацијата пејачката ја надополни со отворени сандали на висока потпетица, впечатлива шминка и фризура и секако, дијамантски обетки.

Со неколку фотографии, Матичевски на социјалните мрежи посочи дека е огромна честа ѕвезда како Џенифер Лопез да носи негова креација и дека не може да изгледа подобро.

Инаку, на настанот се појавија некои од најпознатите дами во Холивуд како Лејди Гага, Кејт Бекинсејл, Шарлиз Терон, Сандра Булок, Сара Полсон и многу други.

Се чини со најмоќен стајлинг од сите се појави ѕвездата на Холивуд, Лејди Гага која изгледаше неверојатно шик во волуменозен костим за кој ќе каже дека бил вистинскиот избор за вечерта.

На сцената, таа говореше за злоставувањето што ѝ се случило, за кариерата, за жените и нивната моќ, па посочи и дека најмоќни се нивните гласови, а не она како изгледаат или што носат.

„Во овој костим на Марк Џејкобс се чувствував своја. Во гардеробата имаше толку многу фустани, а само еден костим. Во него, се чувствувам толку вистински“, рече пејачката и актерка.

Вистинска убавица беше секогаш прекрасната Шарлиз Терон која се одлучи за црно плисирано здолниште комбинирано со бела кошулка со секси деколте и црвено карирано палто.

Сите дами кои се појавија на настанот беа неверојатни по многу причини, а стајлингот беше само една од нив. Погледнете ги нивните комбинации во галеријата погоре.

Објавено:
16 октомври 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
814 пати