Ѕвездата е родена - Кувенжане Волис

23 мај 2014

Десетгодишната Кувенжане Волис, ѕвездата во филмот „Beasts of the Southern Wild“ е најмладата актерка номинирана за Оскар во филмската историја на доделување на оваа престижна награда. И тоа не е се. Пред неколку дена беше именувана и за заштитно лице на линијата за деца и тинејџери Армани Џуниор, потпишана од кралот на модата Џорџо Армани. Таа е првото дете ѕвезда кое ќе биде заштитно лице на овој луксузен бренд.

Младата ѕвезда која неодамна се појави и во оскаровскиот филм „12 години роб“, ќе глуми и во филмската адаптација на мјузиклот „Ени“, заедно со филмските ѕвезди Џејми Фокс и Камерон Дијаз. Волис беше фотографирана од Стефано Азарио кој ги третира нејзините аутфити, речиси како ликови од филм, исполнувајќи ги со многу хумор, радост и палавост.

„Кувенжане, и покрај нејзината младост е мошне талентирана. Нејзината добрина, љубопитност и искреност кон другите навистина ме погоди, бидејќи сметам дека тоа се ретки човечки особини и навистина заслужува почит поради тоа. Ова е и главната причина поради која сакав таа да стане заштитно лице на Армани Џуниор. Нејзината преголема енергија, направи облеката буквално да оживее“, изјави модниот дизајнер Армани.

„Јас сум многу среќна, што бев избрана од страна на господинот Армани, за да бидам амбасадор на Армани Џуниор. Ја почувствував истата возбуда како кога бев избрана за кастинг во филм. Јас? Леле! Исто така за мене претставуваше огромна чест што имав можност да носам тоалета на Џорџо Армани специјално направена за мене на Оскарите оваа година. Морам да признам дека се чувствував како принцеза. Го видов господинот Армани на модното шоу во Њујорк кога ја презентираше Прајв колекцијата и сите тоалети ми се допаднаа, имав толку многу омилени фустани. Подоцна кога го запознав сфатив дека господинот Армани е многу добар, фин и внимателен човек. Забавно е да се носат парчињата од колекцијата на Армани Џуниор, можеби бидејќи сите ми се допаѓаат. Моите пријатели веќе ме прашуваат да им позајмам неколку парчиња“, низ смеа раскажа шармантното девојче.

Објавено:
23 мај 2014
Категорија: 
Сцена