Емилија Кларк објави фотографии од операциите на мозокот

9 април 2019

„Еден дел од мојот мозок всушност умре“, вака познатата актерка Емилија Кларк го почна интервјуто за утринската програма на Си-Би-Ес чие целосно издание треба да се емитува наскоро.

По текстот за The New Yorker, ова е прв пат ѕвездата на „Game of thrones“ искрено во јавност да зборува за операциите на мозокот кои морала да ги направи итно за време на снимањето на серијата. Актерката објави и неколку фотографии од времето на операциите. 

 

Во интервјуто таа говори за тоа како се чувствувала по операциите и колку е важна поддршката на најблиските во тие моменти и од колкаво значење е менталното здравје на човекот.

Како што и претходно пишувавме, актерката обелодени дека за прв пат морала да се оперира на 24 години по завршувањето на снимањето на првата сезона од планетарно популарната серија.

Таа се соочила со крварење во мозокот што морало веднаш да биде сопрено и тоа биле моментите кога нејзиниот живот бил во сериозна опасност.

Ако првата била „полесна“, тогаш втората операција на мозокот значело дека докторите мораат да го отворат нејзиниот череп со старите методи.

„Во втората операција умре еден дел од мојот мозок. Ако еден дел од мозокот не се снабдува добро со крв, едноставно нема повеќе да работи. Мене ми се случи тоа и никој не знаеше да ми каже што ми е точно. Тогаш беше тешко да се остане оптимист“, изјави шармантната актерка која ќе каже дека ликот на Калиси и давал сила да издржи во секоја ситуација.

Таа била загрижена дека поради делот од мозокот што бил зафатен ќе има проблеми со глумењето или паметењето на сценаријата.

„Се плашев дека нешто му се случило на мојот мозок и дека нема да можам да глумам повеќе. Ме фати сериозна параноја. Глумењето беше мојата причина за живот долго време“, открива актерката.

Долго време по операциите таа се соочувала со сериозни психички проблеми, но најголема сила пронашла во „опасниот“ лик на Калиси.

„Одите на снимање, глумите опасен лик, трчате низ оган... Ова беа работите кои ме натераа да престанам да мислам на сопствената смрт“, вели искрено во интервјуто прекрасната актерка.

За само неколку дена, обожавателите на серијата ќе можат да ја погледнат Калиси во осмата и последна сезона на „Game of thrones“.

Инфо и фото: Harper's Bazaar

Објавено:
9 април 2019
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.739 пати