Емотивниот настап на Селин Дион за кој сите зборуваат!

23 мај 2016

Еден од најдобрите и најемотивни настапи на годинешните Билборд награди дефинитивно го имаше прекрасната Селин Дион која ја доби наградата за музичка икона. 

Уште поемотивен беше моментот кога на сцената се појави нејзиниот 15 годишен син Рене кој ѝ ја врачи наградата, додека таа не можеше да ги смири емоциите и солзите. 

Ова беше прво телевизиско појавување на пејачката, откако во јануари годинава почина нејзиниот сопруг, а нешто подоцна и нејзиниот брат. 

Таа ја испеа омилената песна на нејзиниот сопруг, „The show must go on“ на начин на кој само таа знае да го направи тоа. 

По завршувањето на настапот и примањето на наградата, целата публика стана на нозе за да ја поздрави, додека таа плачеше и се потсетуваше на нејзиниот сопруг. 

„Многу ми е жал, многу ми е жал што плачам. Сакам да сум силна за моето семејство и за моите деца. Не сакам да плачам пред тебе“, рече Селин Дион обраќајќи му се на нејзиниот син. 

Таа се заблагодари на сите во салата и истакна дека наградата за неа е огромна чест. 

„Тоа што се обидов да ја изведам неговата омилена песна без да колабирам на сцената за мене беше доволно. Мислев дека вечерва ќе помине без солзи, но тоа не можеше да се случи. Ќе се обидам да бидам силна пред моите мали близначиња, но мојот голем син веќе може да ме разбере“, рече прекрасната и талентирана пејачка.

Објавено:
23 мај 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
901 пати