Со песната „I’m a freak“ ултра популарниот Енрике Иглесијас вчеравечер го отвори долгоочекуваниот концерт во спортската сала „Борис Трајковски“.

Дека е вистински „freak“ во најпозитивна смисла на зборот, тој докажа пеејќи и играјќи во еден здив со неговите обожаватели кои буквално полудеа по него.

Неверојатно шармантен и прекрасен, тој ги испеа неговите најпопуларни песни, но она што остави најголем впечаток беше неговата близина со сите присутни во салата.

Кога најмалку очекувавме, тој почна да се качува по трибините и да се фотографира со неговите обожаватели со што предизвика вистинско лудило во салата.

На сцената тој се појави во комбинација препознатлива за него, составена од црни панталони со синџирче, темна маичка и капче, а нешто подоцна комбинираше и бела маичка и блузон кога го испеа огромниот хит „Hero“.

И доколку некој отиде на концертот со скромни очекувања за шпанскиот заводник, тој докажа дека е една од најголемите светски ѕвезди полн енергија и љубов кон музиката.

Сите песни ги испеа со неверојатна страст, а исклучителниот бенд пееше и свиреше во еден здив со него.

Вистински спектакл направија и момците кои свиреа, но и вокалите што го следеа кои беа неверојатна атракција за сите во салата.

По неколку песни, тој ги поздрави присутните во салата со „Здраво Македонија“, за нешто подоцна да наздрави со нешто што наликуваше на ракија заедно со бендот и некаде при крајот да каже дека сака да се пресели во Македонија.

За време на целиот концерт во салата владееше неверојатно позитивна атмосфера која му даваше дополнителна сила и поттик тој да даде сѐ од себе. Така и беше...

Сосема очекувано, девојките беа оние кои најмногу му се израдуваа на убавецот, со оглед на тоа што тој се покажа во супер заводливо издание во кое сите очекувавме да го видиме.

Сите негови потези и шармантни погледи што тој ги упатуваше кон публиката, докажаа зошто е еден од најсаканите, но и одличен музичар со огромен талент во изобилие.

Во еден момент, од едната, тој се префрли на другата страна на сцената каде го испеа неговиот огромен хит „Hero“ и се фотографираше со сите мобилни од публиката што му дојдоа при рака.

Неверојатно природен и весел, тој остави впечаток на вистински голема ѕвезда чиј концерт дефинитивно треба да го ставите на вашата листа на концерти што треба да ги посетите во животот.

Она што никако не смееме да го заборавиме и да го пофалиме е техничкиот дел што го обезбеди продукцијата кога е во прашање звукот, светлечките ефекти и сите останати моменти кои направија уште подобра атмосфера. 

Некаде при крајот, тој ги испеа песните од новиот албум што се огромен хит во моментов ширум светот, меѓу кои и огромниот летен хит „Bailando“ со кој предизвика вистинско лудило во публиката.

Заедно со бендот, без многу помпезност тој се прости од публиката испраќајќи бакнежи и поздрави од сцената и додека сите го чекаа на бис, тој си замина оставајќи нѐ полни со позитивна енергија, прекрасни шпански хитови и желба за уште некој концерт наскоро. 

И ако се чудев како девојката до мене раскажуваше дека го следела на сите можни концерти по Европа, верувам дека секој што го виде вчера, би го направил истото.

Погоре во галеријата погледнете ги сите фотографии од неверојатниот концерт на Енрике кој дефинитивно ќе остане запаметен уште долго време.

Објавено:
21 јуни 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
13.376 пати