Епскиот настап на Бијонсе на наградите Греми

13 февруари 2017

Настапот на Бијонсе на доделувањето на Греми наградите беше еден од најочекуваните поради тоа што таа е музичка дива број еден изминатите неколку години, но и поради тоа што на сцената се појави бремена што се чини воопшто не беше проблем.

„Со гордост на мајка, ви ја претставувам мојата ќерка Бијонсе“, ја најави Тина Ноулс својата ќерка на вчерашните Греми награди.

Бијонсе го почна својот настап со фасцинантни холограм моменти на кои се гледаше нејзиното полуголо тело украсено со златни детали, по што таа се појави на сцената со круна на главата и впечатлив златен фустан.

Настапот го почна со стиховите: „Се сеќавате ли кога се родивте“?, по што беа прикажани фотографии од трите генерации жени во нејзиното семејство, нејзината мајка Тина, Бијонсе и нејзината ќерка Блу Ајви.

Меѓу стиховите, забележавме некои од нејзините најпопуларни песни од албумот „Lemonade“, кои таа ги изведе додека одеше по долга маса опкружена со танчарки и цветови, за да потоа седне на стол кој се чини ѝ се спротивстави на гравитацијата.

Целиот настап и стајлинг на пејачката и сите танчари беше една ода за мајчинството со многу фотографии од нејзиниот приватен живот прикажани во позадината.

Таа беше номинирана во девет категории за нејзиниот албум „Lemonade“, но си замина со две награди од кои по една за двете нејзини близначиња што ги очекува.

Она што беше интересно вечерта беше моментот кога британската ѕвезда Адел ја скрши на пола Греми наградата за да ја подели со Бијонсе бидејќи како што кажа, смета дека нејзиниот албум „Lemonade“ е нешто што се прави еднаш во кариерата.

 „Не можам да ја прифатам оваа награда, иако сум многу почестена и благодарна, но артистот на мојот живот е Бијонсе. Нејзиниот албум за мене беше нешто неверојатно и толку добро осмислено, нешто толку прекрасно и единствено“, изјави пејачката на сцената.

Речиси целиот говор таа го посвети на Бијонсе која се расплака додека ја слушаше во публиката, но и на нејзиното семејство и сопругот Сајмон со што потврди дека тие неодамна се венчале.

Погледнете дел од фантастичниот настап на музичката дива Бијонсе.

Објавено:
13 февруари 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
4.408 пати