Со остварувањето на Вуди Ален, „Café and Society“ вчера се отвори 69-тото издание на меѓународниот филмски фестивал во Кан.

Велат, кога овој режисер го отвора фестивалот, веќе не е ни вест, бидејќи ова го прави по трет пат. Тој ја имаше честа во 2011 со „Midnight in Paris“, како и во 2001 година со „Hollywood ending“, да го прогласи овој престижен настан на Азурната обала за отворен.

Инаку, 81-годишниот оскаровец во последните три декади секоја година пласира нов наслов, а „Café and Society“ е неговиот 12 филмски настап во Кан, а 49-ти во кариерата.

екипата на „Cafe and Society“

-Се чувствувам младо. Ментално сум во полна сила и прилично активен. Добро јадам и редовно вежбам. Моите родители дожвеаја длабока старост, така што мислам дека и јас добив џек пот – изјави режисерот на отворањето.

Главните улоги во најновото остварување на Ален ги толкуваат Кристен Стјуарт и Џеси Ејзенберг, а во актерската екипа е и Блејк Лајвли, која апсолутно го собра сето внимание на црвениот килим во креација на „Версаче“.

Кога е модата во прашање, мора да се нагласи дека годинава речиси и да нема модни промашувања. Сепак, меѓу најдобро облечените се и Џулијан Мур, која одбра креација на „Живанши“, Кирстен Данст блесна во фустан на „Гучи“ и е еден од нашите фаворити.

Кирстен Данст

Ништо помалку не беа забележани и моделите Бела Хадид во „Роберто Кавали“, Доцен Курс која одбра црн фустан со гол грб на Брендон Максвел, како и Лили Доналдсон чиј избор беше креација на „Сен Лоран“.

Бела Хадид

А кога сме веќе кај оваа модна куќа, Сузан Сарандон носеше женско одело со нивен потпис. Во тој стил се облече и Викторија Бекам, секако од сопствениот бренд.

Сузан Сарандон

Викторија Бекам

И додека од една страна видовме богати креации со скапоцени камења и украси, од друга одела, од трета беа еднобојните креации, каков што беше изборот на Ева Лонгорија или Ана Кендрик.

Ева Лонгорија

Како и да е, може да се рече дека ова издание на Кански филмски фестивал е едно од најдобрите кога е модата во прашање.

А кога се филмовите во прашање и натпреварувачкиот дел, за „Златна палма“ ќе се натпреварува 21 филм. Меѓу конкурентите се „Julieta“ на Педро Алмодовар, „The last Face“ на Шон Пен, „Paterson“ на Џим Џармуш, потоа „Loving“ на Џеф Николс, како и „Juste la fin du monde“ на Хавиер Долан.

жири-комисијата на 69-тото издание на Кански филмски фестивал

Претседател на жири комисијата оваа година е австралискиот режисер, сценарист и продуцент, Џорџ Милер, а во склад со досегашната традиција за универзално и меѓународен пристап и објективност, на Милер друштво ќе му прават осум други филмски уметници од Иран, Данска, САД, Италија, Франција, Канада и Унгарија и тоа – актерките Кирстен Данст и Ванеса Паради, режисерката Валерија Голино, иранската продуцентка Катајун Шахаби, како и актерите Доналд Сатерленд и Мадс Микелсен, режисерите Арно Деплешен и Ласло Немеш, кој минатата година ја освои „Гран-при“ наградата за филмот „Son of Saul“.

За потсетување, Канскиот филмски фестивал претставува еден од најпрестижните филмски манифестации. Првпат е одржан во 1939 година, а натпреварувачкиот карактер почнува од 1955 година.

Иако е обожуван од голем број уметности, овој настан често е на удар на јавноста поради затворениот или „елитен“ карактер што го има и во однос на посетеноста и во однос на натпреварувачкиот дел, како и за сè почестото „кокетирање“ со Холивуд, за што сведочи и присуството на Шон Пен, Стивен Спилберг, Џорџ Клуни, Џулија Роберст и многу други низ годините...

Фестивалот ќе трае до 22-ри мај, кога ќе биде прогласен и годинешниот победник.

Објавено:
12 мај 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.725 пати