Гламурот на италијанската мода 1945-2014 ја собра светската модна елита во Лондон

2 април 2014

Александра Шулман, Џанкарло Џамети, Валентино и Франка Соѕани Александра Шулман, Џанкарло Џамети, Валентино и Франка Соѕани

Вчера вечер во импозантниот музеј Викторија и Алберт во Лондон со ексклузивна вечера беше најавено отворањето на поставката „Гламурот на италијанската мода од 1945 до 2014 година“ која важи за една од најзначајните изложби за годинава, а со сигурност и за поширок временски дијапазон. Настанот ќе трае од петти април до 27 јули и е целосно посветен на италијанската креативност и елеганција во модата. Повеќе од сто и дваесет креации, вклучувајќи облека и модни додатоци карактеристични за италијанската мода во периодот од Втората Светска Војна па до денес  ќе бидат изложени за сите љубопитните посетители и модни фанатици.

Мирослава Дума, Бруно Регаци, Розита Мисони и Ангела Мисони и Александра Шулман Мирослава Дума, Бруно Регаци, Розита Мисони и Ангела Мисони и Александра Шулман

На гламурозната вечера, која се случи под покровителство на брендот за накит Булгари, со цел да го најави спектакуларниот настан, во музејот Викторија и Алберт во Лондон присуствуваше голем дел од светската модна елита која имаше можност прва да ја погледне ексклузивната изложба. Меѓу присутните покрај Николас Колриџ, управник на музејот Викторија и Алберт, а воедно и претседател на Conde Nast International, Франка Соѕани, уредник на италијански Vogue и Александра Шулман уредник на британски Vogue, италијанскиот премиер Матео Ренци и заменик претседателот Никола Булгари како и извршниот директор Жан Кристоф Бабин, можевме да ги видиме Валентино Гаравани, Џанкарло Џамети, Наоми Кемпбел, Том Форд, Кристофер Кејн, Питер Дандас, Анџела и Розита Мисони, Ева Херцигова, Марија Грација Кјури и Пјерпаоло Пичоли, како и фамозното модно дуо Доменико Долче и Стефано Габана и Лаудомиа Пучи.

 

Објавено:
2 април 2014
Категорија: 
Сцена