Стејплес центарот во Лос Анџелес беше местото вчера каде што се пееше, но истовремено и тагуваше. Годинашното, 62 издание на „Гремите“ беше среќно за Били Ејлиш, која дома замина со дури пет награди. 

Но, целата вечер помина во сенка на легендарниот Коби Брајнат, а Алиша Кис, која ѝ беше домаќинка на ова издание, ја започна манифестацијата токму со говор и посвета за него.

Сепак, на страна од оваа голема трагедија, за некои ова беше вечер на успеси. Били Ејлиш триумфираше со пет награди и тоа за најдобар нов пејач, за најдобра песна „Bad Guy“, како и наградата за албум на годината, за која Ејлиш изјави дека требала да оди во рацете на Аријана Гранде.

Сепак, за истиот албум ја доби и наградата за најдобар вокален поп албум. За песната „Bad Guy" која зборува за насилство врз жените и која ја сними со својот брат во нивната семејна куќа, ја освои и наградата за најдобра снимка на годината (record of the year), со што освен Били, награда добија и сите други кои учествуваа во создавањето на песната. 

Инаку, Ејлиш има 18 години и ова се нејзините први „Греми“ награди, па со оглед на тоа дека освои пет, постави висок критериум за понатаму.

Пејачката Лизо освои три награди, меѓу кои и тие за најдобра поп-соло изведба за хитот „Truth Hurts“, како и за традиционален ар-ен-би настап и за современ албум.

Лил Нас Х за песната „Old Town Road“ ја доби наградата за видео на годината, Бијонсе за најдобар музички филм, додека Росалија го има најдобриот латино албум.

Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама исто така доби „Греми“ и тоа за Најдобро изговорен албум, односно аудио верзијата на нејзината книга „Becoming“. Кантри пејачката Тања Такер го доби првото „Греми“, односно две во 61 година од животот за најдобар кантри албум и песна.

Комплетната листа на наградени погледнете ја ТУКА.

Кога е црвениот килим во прашање, може да се рече дека беше драматичен. Можеби не колку што знае да биде на „Ем-ти-ви“ наградите, но сепак постои градација од елегантни до „откачени“ . 

Аријана Гранде се појави како принцеза во креација на Џамбатиста Вали. Дуа Липа дојде во бела сосема минималистичка креација на Вивиен Вествуд. Гвен Стефани се појави во богат мини фустан со потпис на „Долче и Габана“. 

Џон Леџенд беше еден од најдобро облечените мажи, во одело од куќата „Александар Меквин“.  И Хајди Клум беше меѓу присутните, а се појави во долг златен фустан од „Дандас“.

Како беа облечени остантите, погледнете во галеријата погоре.

Со своето присуство церемонијата ја збогатија и ѕвезди кои веќе не ги гледаме често како Шанаја Твејн и Синди Лопер, а на црвениот килим се појавија и браќата Џонас со своите сопруги.

Објавено:
27 јануари 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.138 пати