Германскиот модел Хајди Клум оваа недела во Лондон ја промовираше својата колекција за долна облека, „Intimates“. Тоа беше добар повод магазинот „Вог“ да направи интервју со неа, каде освен  за колекцијата, говори и за модните избори, совети, негативните коментари, децата а дел од интервјуот ви пренесуваме во продолжение:

На „Intimates“ работите веќе година дена. Што се смени откако ја преземавте од претходничката, Ел Мекферсон?

-Кога ја дојдов, линијата веќе постоеше и тоа веќе 25 години, па ми требаше малку време за да ги имплементирам новите облици, што можете да ги видите во оваа колекција. Она што сега е во понудата е микс од претходните кроеви и облици и овие новите од мене, затоа што сакав да се оддалечам малку од преголемите „пуш ап“ ефекти, но во исто време не сакав да менувам ниту еден од стиловите што знаеме дека купувачите ги сакаат.

Каков совет би им дале на жените кога купуваат долна облека?

-Пред сè, мора да ги знаете вистинските мерки. Понекогаш гледате жена што носи тесна маица и ви изгледа дека има преголеми гради, бидејќи речиси и излегуваат од градникот, а всушност тоа не е така, туку градникот ѝ е мал. Носи погрешна големина. Би кажала дека речиси 50 проценти од жените носат погрешна големина на градник.

За Вашите колекции, Вие сте главниот модел, заштитното лице. Дали е ова нешто што го најавува крајот или тоа ќе се случи само кога телото ќе ви каже дека е доста?

-Сметам дека кога ќе дојде, веројатно ќе речам: „Можеби овој пат некој друг ќе ја сними кампањата“, но во моментов сè уште се забавувам. Не мислам дека стареењето е негативна работа, особено за долна облека, бидејќи како старееш таа е сè поважна. Во 20-тите дури и не морате да носите градник, затоа што градите се цврсти и сè си стои на место, но подоцна, особено после четири деца, долната облека станува многу поважна од претходно. Важно ли е што имате некоја брчка повеќе или години? Среќна сум што можам ја дочекам секоја година што ме прави постара.

Дали долната облека е главен дел од Вашиот изглед? Кои се Вашите задолжителни парчиња?

-Сè почнува со долната облека. Кога наутро ќе облечете нешто што ве прави да се чувствувате одлично, дури и кога тоа никој не го гледа – убаво е. Важно е да имате парчиња за сите пригоди. Не е важно дали се работи за обичен градник, мидер, ние ги имаме стиловите што на секоја жена ѝ се потребни. Мене ми се омилени градниците што имаат поприроден облик и покажуваат многу кожа. Моето ново мото е: „Повеќе гради, помалку градник“.

Како го опишувате Вашиот личен стил и се смени ли низ годините?

-Сега, кога купувам облека, купувам парчиња што ќе траат. Барам парчиња што се сè уште модерни, но имаат подолг рок на траење. Не купувам парчиња за кои во иднина можат да ми кажат: „Еј, таа носи нешто од пред две години“. Јас не купувам на таков начин, но мислам дека девојките го прават тоа.

Со оглед на тоа дека купувате квалитетни и убави парчиња, а низ годините и носевте многу такви, како изгледа Вашиот плакар?

-Па, јас многу чувам работи, но имам две девојчиња, така што имам и изговор. Сите чевли што ги имам се во кутија, фотографирани одозгора, така што не само што знам да ги чувам работите, туку сум и многу организирана. Носам број 41, па моите ќерки се надеваат дека ќе го носат истиот број. Знаат да ми кажат: „Но, мамо, твоите стапала се многу големи“, но јас им велат: „Кој знае, ќе видиме“. Имам многу очила за сонце, ремени, чанти  фустани, така што обувките не се крај на приказната. Имаат многу што да одберат од мојот плакар.

Долги години чекорите и на црвен килим, па кога одбирате тоалета за таа пригода, што всушност барате?

-Мојот стил е прилично еклектичен и секогаш се осврнувам на тоа како сум расположена. Мојата облека говори за мојата личност, така што јас не сум досадна личности, туку преку облеката сакам да кажам дека го сакам животот, забавата во мојот живот. Не се облекувам за да ги импресионирам луѓето што ќе пишуваат за тоа. Ако видам нешто и се вљубам во тоа, тоа е тоа што сакам да го носам. Го носев жолтиот фустан на „Версаче“. Кога го погледнав, кога ја видов конструкцијата, беше прекрасен. Уште пред да го носам знаев дека ќе ме викаат „Големата птица“, но не ми беше грижа, бидејќи ми се допаѓаше фустанот. Ја сакам и Донатела бидејќи сме слични. И таа ја сака облеката и го следи својот инстинкт. Не размислува што ќе кажат критичарите и дека тоа можеби нема да биде добро. Кога ќе ми засветкаат очите за нешто, само знам дека го сакам, без разлика на сè останато.

Моделите што се мајки, често знаат да кажат дека дотерувањето како дел од работата има поинаков аспект и атрактивност кога ќе добијат деца. Дали е така и за Вас?

-Средувањето и пресоблекувањето како дел од работата е нешто што отсекогаш било возбудливо за мене и пред и после доаѓањето на моите деца на свет. За мене е прекрасно и восхитувачки што талентираните и креативни луѓе во модната индустрија ќе смислат ново. Забавно е тоа да се носи. Среќна сум што го сакам тоа што го работам и што работам со луѓе што ме инспирираат, така што никогаш не сум го доживувала тоа како обврска или потешкотија.

Кога сте дома, каков стил имате? Близок ли е до тој на работа или?

-Кога сум дома, најчесто сум во бикини или шорц. Среќна сум што живеам во Лос Анџелес, каде што е топло преку целата година. Моите деца и јас сме секогаш на базен, активни. Но, кога сум на работа, едвај чекам да видам што имаат за мене.

Се сеќавате ли на моментот кога навистина се почувствувате дека сте успеале како модел?

-Кога со тимот на „Sports Illustrated“ отидов на Малдивите. Се сеќавам дека мислев, ова е голема лига. Голема работа е дури и првата соработка што ќе ја остварите со нив, па и да не е насловна страна, милиони читатели ќе знаат која сте. Кога дознав дека сум добила насловна, устата ми остана подотворена. Не можев да поверувам. Тоа беше момент што го преврте сиот мој живот. Јас секогаш сум горда на насловните на магазините на германскиот „Вог“, францускиот „Вог“. Работев и козметички реклами, реклами за коса, дури имав и производи со мое име на нив. Сите тие се важни и големи моменти за мене.

Бевте дел од неколку реални шоу-а. Што е потребно за да се биде добар судија?

-Учесниците излегуваат од нивната комфорна зона на националната телевизија, за на светот да им го покажат својот талент. За тоа е потребна голема храброст! Важно е да го имате тоа на ум додека седите во столчињата како судија. Треба да бидете фер и искрени, но да не им го скршите духот.

Како жена во бизнисот и како некој што претставувал и туѓи бизниси, што научивте во текот на 20-годишната кариера во индустријата?

-Клучните лекции што ги научив е: да сте на вистинското место во вистинското време може да направи чуда за вас; размислувањето надвор од шаблонот ќе ве издвои од конкуренцијата; секогаш работете напорно и вредно; важноста на одличен тим што ве поддржува; и да го сакате тоа што го работите.

Отворени сте и лесно можете да се пошегувате дури и кога некој ќе каже нешто лошо на Ваша сметка. Како научивте да се справувате со критиките и дали нешто успева да Ве вознемири?

-Секој има свое мислење, особено сега кога можат да се сокријат зад социјалните мрежи. Но, позитивната страна на тоа е што можат да слушнат дека имате мислење, глас. Пред 20 години, ако немавте среќа некој да ве интервјуира, никој и немаше да го слушне тоа што имате да го кажете. Сега барем имам избор – што не секогаш го правам, но можам – да кажам нешто за лажните нешта што можеби ќе бидат искажани. Не секогаш сакам да влегувам во Твитер расправии за секоја лажна приказна, но го можам тоа. Убаво е да се има избор. Секогаш ќе има луѓе што ве сакаат и што не ве сакаат, и тоа комплетно го разбирам. Она што не го разбирам е, ако не сакате некој, тогаш зошто го следите (на социјалните мрежи)? Зошто го трошите времето? Кога ќе видам нешто негативно, ме вознемирува или ми пречи, но не толку многу. Не го читам воопшто. Не го прелистувам секој негативен коментар. Никогаш нема да можете да победите, затоа ќе го правите тоа што сметате дека е во ред, исправно во тој момент.

Објавено:
25 март 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.046 пати