Harper’s Bazaar-Шпанија лансира две изданија во чест на Ричард Аведон

21 јуни 2014

Одговорните уредници на шпанското издание на списанието Harper’s Bazaar решија јулската и августовската едиција да ги посветат на фотографот Ричард Аведон кој со ова списание има остварено многубројни соработки и за нив ги има изработено дел од најпознатите и најмаркантните фотографии и портрети кои влегоа во историјата на модната индустрија како едни од најдобрите.

Оваа година се одбележуваат седум децении од кога Ричард Аведон почна да соработува за прв пат со Harper’s Bazaar и десет години од неговата смрт во октомври 2004 година. Списанието се сеќава на уметникот на еден посебен начин. Со изработката на четири насловни страни на кои се фотографирани пет модни икони кои ја одбележаа модната индустрија но и животот на фотографот. Станува збор за Елизабет Тејлор, Одри Хепберн, Брижит Бардо и Габриел Шанел и Сузи Паркер кои позираат заедно на фотографијата.

За повеќето познавачи на неговата работа, тој е многу повеќе од моден фотограф. Ричард Аведон припаѓа на ретката група луѓе кои ја сменија историјата на фотографијата.

„Во модата од секогаш постоела поделба на работите. Но, од друга страна пак тоа е свет од кој јас заработувам за живот и за мене претставува големо задоволство што сум дел од него. Она што обожавам да го правам е да фотографирам портрети. Тоа можам најдобро да го направам и навистина ми е чест што имав можност да ги овековечам ликовите на голем број познати модни икони“, вели во една прилика Аведон.

Објавено:
21 јуни 2014
Категорија: 
Сцена