Традиционално, на крајот на Модната недела во Лондон се одржуваат Elle Style Awards, а оваа година се чини девојките ги одбраа најубавите фустани за сезонава. 

На доделувањето на наградите најголем впечаток остави бремената Лив Тајлер која изгледаше подобро од кога и да е во синиот долг фустан со голи рамена што дополнително ѝ го истакнуваше трудничкото стомаче. 

Таа дома си замина со наградата за ТВ актерка на годината според изборот на магазинот, додека прекрасната Карли Клос која блесна во долг црн фустан на настанот, ја доби наградата за најинспиративна жена за изминатата година. 

Вистинска убавица на доделувањето беше и британскиот модел Суки Ватерхаус која пристигна заедно со нејзината сестра, а ја доби наградата за ѕвезда во подем во модниот свет. 

Таа се одлучи за неверојатно шармантен бел фустан од свила од брендот Camilla and Marc од нивната пролет 2016 колекција, додека нејзината сестра Ими носеше неодолив бохо фустан во земјени бои. 

Прекрасна во црн костим беше и единствената Ени Ленокс која ја доби наградата за исклучителни достигнувања за нејзината постојана борба за правата на жените и децата ширум светот.

Една од најпознатите манекенки во моментов Џордан Дан, ја освои наградата за најголемо стилско влијание за изминатата година, а истата ја оправда во фантастична комбинација составена од кадифена блузичка и секси здолниште со провокативен отвор. 

Вистинско изненадување на вечерта беше наградата за најдобар дизајнер за изминатата година која ја доби српската дизајнерка со британска адреса Роксанда Илинчиќ која се појави во навистина интересна комбинација. 

Во ултра секси издание се појави сестрата на Џиџи Хадид, Бела, која одбра навистина провокативна комбинација во вид на трико со реси и црни чизми над колената. 

Сосема оправдано, наградата за најдобра дизајнерка за модни додатоци ја доби Ања Хиндмарх, за најдобар моден бренд беше прогласена компанијата на дизајнерката Стела Мекартни, за исклучителни достигнувања во модата наградата отиде кај Албер Елбаз, додека за машки модел на годината беше прогласен Лаки Блу Смит. 

Лив Тајлер и Стела Мекартни

Погоре во галеријата, погледнете ги девојките и нивните прекрасни фустани како инспирација за сезоната што доаѓа. 

Објавено:
24 февруари 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.370 пати