По четиригодишно патување околу светот со мотор, Ивана Чолаковска Торес и нејзиниот сопруг Ману Торес денеска пристигнаа во Скопје околу 14 часот напладне.

Како што беше најавено, на плоштадот Македонија беше организиран свечен пречек каде и официјално беше означен крајот на нивната светска авантура.

Таа им се заблагодари на сите присутни и изјави дека е исклучително возбудена за спектакуларниот пречек и организацијата.

„На 17 – ти април 2013 година со Ману сами тргнавме на пат околу светот, за денеска да имаме многу пријатели што нѐ следат од различни страни на светот. Задоволството е огромно, а морам да кажам дека чувствата денеска ми се малку измешани. Горда сум на себе и на Ману за сѐ што постигнавме, бидејќи не е лесно да се заврши таков подвиг, но желбата и мотивацијата беа големи“, изјави денеска Чолаковска.

Таа посочи дека најголема поддршка низ сите години патување биле нејзините родители, семејството и пријателите за кои беше пресреќна што ги гледа на плоштадот.

„Им благодарам на сите што не поддржаа, бидејќи ќе беше многу тешко сами да стигнеме до тука. Морам да кажам дека каде и да одевме, бевме многу добро пречекани од сите, без разлика на вера или раса. Имавме топло добредојде во сите земји каде што поминавме и многу сум среќна заради тоа“, додаде таа.

Како што спомена првиот човек на „Бубамара“ Ранко Петровиќ кој впрочем го организираше настанот, голема желба на Ивана била кога ќе се врати да ја пречека оркестарот на Џамбо Ангушев, па така и беше.

Погледнете каква беше атмосферата од денешниот пречек на Ивана и Ману на плоштадот во Скопје.

Објавено:
1 април 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.989 пати