Џон Галијано отворено за рехабилитацијата

Изгубив верба во луѓе

11 март 2016

Џон Галијано. Од дизајнер на кого сите му се поклонуваат, стана дизајнер што сите го избегнуваат. Со оваа реченица започна текстот во „Vanity Fair“ од 2013 година, во кој Галијано за првпат искрено проговори за зависноста и „столбот на срамот“ во модната индустрија.

За потсетување, во 2011 година дизајнерот во еден француски бар беше снимен како изговара антисемитски изјави, по што беше осуден од јавноста и отпуштен од работното место, креативен директор на „Диор“.

После неколку години активен ангажман на чело на модната куќа „Мезон Марџела“, дизајнерот повторно одлучи да прозборува за својот живот, поточно за работата, за процесот на рехабилитација, за тоа како се чувствува денес, овој пат за WWD.  Дел ви пренесуваме во продолжение:

 

Како изгледа еден Ваш работен ден?

-Зависи од колекциите. Сега сум поорганизиран. Можам да си заминам и порано, што ми е многу важно и да уживам во животот.  Секако, со мене работи прекрасен тим. Можам да работам чекор-по-чекор.

Како се чувствувате во моментов?

-Навистина добро. И благодарно што можам да го искусам тоа што ми се случува. Дадена ми е втора шанса да се поврзам и да создавам. Многу сум благодарен.

На кого сте му благодарен?

-На Бога. И секако на големата поддршка од индустријата. Знаете, не беше лесно. Се работи тешко и постојано. Но, среќен сум што успеав да се поврзам повторно со креативниот процес и со луѓето. Тоа е прекрасно.

Од кого имавте поддршка?

-Имав голема поддршка од луѓето во индустријата, што веруваа во мене и се грижеа за мене. Кои беа со мене и во најдлабоките и најтемните часови и ме охрабрува. Ана Винтур беше неверојатна. 

Ја изгубивте ли вербата во луѓето?

-Па имаше и такви моменти. Имаше темни моменти кога не секогаш можеш да разбереш, затоа што се трудиш да се разбереш себеси  или да си простиш, или да разбереш што се случува. Справувајќи се со многу работи, научив да функционирам по принципот чекор-по-чекор, ден-по-ден. Порано не го разбирав тоа. Цврсто бев врзан со иднината и тоа што сум го правел вчера, во минатото. Си мислев: „Ти не живееш повеќе; не си во моментов“. Сега, навистина го ценам секој момент и да бидеш во моментот. Не значи дека понекогаш не „се исклучувам“, затоа што сите го правиме така. Но, сега сум многу посвесен за тоа. Знам како да се изборам, имам насоки. Самата можност да можам да учам и во овој период од мојот живот, е нешто прекрасно.

Колку се разликувате денес од тоа што бевте кога ја напуштивте модата?

-Повторно се поврзам со многу нешта. Тешко е да се каже со еден збор. Тоа е целосна апстиненција. Тоа се дневни активности. Одам на состаноци. Сега сум на многу, многу подобро место. Можеби можете да почувствувате, да слушнете, видите. Тоа е нешто што се случува сега и се чувствувам многу посреќен.

Ви недостасува ли пиењето?

-Сега сум на некое друго место, ниво. Сега не ми треба тоа. Но, нема да кажам дека мојата желба или искусшение ќе исчезне. Тоа е болест. Во моментот кога ќе помислам дека ќе исчезне, тогаш ќе имам проблем. Морам да одам на состаноци за рехабилитација, тоа го правам секој ден.

Каков е Вашиот ден-за-ден пристап?

-Едноставно да си поврзан и присутен. Многу често јас не бев присутен. Бев обземен од вина и грижи и уште многу други нешта.

Вина за што?

-Тоа има врска повеќе со иднината. Многу од тие нешта го окупираа и врзаа моето време и изгубив многу време во сегашноста, каде што сум денес. Навистина сум супер среќен и благодарен на секој што ми помогна да стигнам до оваа точка. Тоа е тешка работа.

Ви се смени ли перспективата?

-Сега ја сакам есента. Одам на село. Ги гледам листовите и како тие создаваат килим на езерото. Тоа никогаш претходно не го забележував. Ќе речев: „Премногу е студено, не одам таму". Сега сум многу посвесен за сè и затоа и сум толку благодарен и го повторувам тоа. Порано не беше така. Бев во овој свет во кој го создавав она што морав да го создавам. Но, тоа не е живот... Процесот на учење и учење да се комуницира со луѓе е она важното.

На кој начин имавте потешкотии во комуникацијата претходно?

-Едноставно ми беше многу тешко. За да можам да бидам во иста соба со некои луѓе, морав да бидам во одредена состојба.

Одредена состојба, мислите под влијание на некои супстанци?

-Под влијание на било што. Бев полн со страв.

Од што се плашите?

-Тоа е мошне длабоко прашање. На пример, ќе заѕвонеше телефонот  и ќе се „извадев од кожа“. Наутро кога ќе требаше да чекорам сам низ соба, чувствував како да одам по лушпи од јајца. Едноставно чувствував страв, сè беше страв.

Можете ли да кажете зошто?

-Постојат многу причини зошто. Мојот мозок стигна до таа точка. Постоеја многу нешта со кои морав да се справам и сè уште се справувам. Еднаш се справуваш со страдање, друг пат со агресија, со сите негативни емоции.

Најважиот дел од враќањето на работа?

-Тоа што сум способен повторно да креирам.

Што Ви донесе мудрост?

-Сè од овие работи за кои зборувавме. Тоа што можам да се справам со емоциите, особено оние што доаѓаат од други луѓе, да не донесувам брзи заклучоци во главата. Од каде да знам што ви е во главата? Но, порано мислев дека знам. Тоа што суж опкружиен со мудри, силни луѓе многу значи. Не велам дека сум најмудриот човек на светот. И дека не се сфаќам сериозно.

Џон Галијано и Ана Винтур

Дали сте во контакт со некој од поранешното работно место, од „Диор“?

-Некои луѓе се јавија, некои не. Кога нешто такво ќе се случи, има молк. Луѓето не знаат како да реагираат. Некои чувствуваат дека се инволвирани, што не е точно.  Но, тоа ги спречува да се јават. Сум се видел со неколкумина од таму.

Дали Вие се обидовте да се јавите некому?

-Да, на некои луѓе. Но, искрено, сосема ја променив мојата положба. Се преселив на село, што е добро за мене, бидејќи имав многу работи со кои требаше да излезам на крај. Во различни делови од мојот живот налетував на различни луѓе. Само се јавуваш како ништо да не се случило. Или, се извинував за тоа што се случи и тие не знаат како да реагираат. Сè уште правам измени и ги поправам работите. И тоа е на моето дневно „мени“.

Креативна личност сте. Дали продолживте да креирате на исто ниво, после сè?

-Не. Не можев да држам молив во раце четири години. Тие две работи едноставно не одат. Не можев. Не си простив себеси. За тоа треба многу работа – да си простиш себеси. Ќе одев на пазар, или ќе ја преуредував куќата или ќе сликав ѕидот, но не можев да дизајнирам облека. Тоа беше премногу болно за мене.

Што Ве натера да одлучите дека сте подготвен?

-Не велам дека бев сосема подготвен. Но, во процесот на закрепнување, исфрлив многу проблеми. Потоа Оскар де ла Рента ми се јави. Ништо не беше планирано, навистина. Оскар беше заштитнички расположен, речиси како татко. Се почувствував сигурно. Тоа ми помогна. Една година пред тоа, ми се јави господинот Росо, но дефинитивно не бев подготвен. Тоа и му го реков. Јас сум искрен.

Како работата влијае на Вашето закрепнување?

-Многу важно прашање, бидејќи ме обзема. Мислам на креативноста. Работев тука (во канцеларија) и до полноќ, а луѓето блиски до мене го забележаа тоа, ме прашуваа што се случува.  А јас лажев дека сум си заминал во 21часот ретходната вечер. Потоа реков, ова е мојата нова агенда! Во вторник во 19 часот заминувам од овде, бидејќи морам да одам на состанок (за рехабилитирачкиот процес), не сакам да го пропуштам тоа. Мојата работа никогаш нема да стане поважна од моето здравје.  Токму заради тоа дојдов до овде. Работата ми беше сè, а здравјето ми се распаѓаше.

Се обидувате ли да си ја задржите приватноста?

-Ја почитувам мојата приватност. Кога е модна недела, не одам во некои ресторани. Тоа е баланс. Горд сум на себе кога ќе отидам на некое друго место, каде што има исто така многу луѓе од модниот свет, но фини луѓе.

Да се вратам на Вашето закрепнување – дали Ви се враќаат стравовите?

-Секому му се враќаат. Сум слушал приказни за луѓе на кои стравот им се враќа и после 22 години. Тоа е застрашувачки.

Кои се Вашите најслаби и најсилни страни?

-Најслабите  - бргу донесувам заклучоци и можам да бидам иритантен, и тоа поради ситници – на пример не сум јадел. Можам да бидам нестрплив и да си ставам голем притисок врз себе. А најсилните, гледајќи ги својот живот, издржливоста. И хуморот.

Среќен ли сте?

-Да, се чувствувам среќен. Убаво е да си среќен. Не се чувствувам виновен поради тоа, што претходно беше случај. Мислев дека не заслужувам да бидам, но сега тоа е во минатото.

 

Објавено:
11 март 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.309 пати
Извор: 
WWD