Конечно дојде време и мажите да ги видиме во блескаво издание, овојпат, на црвениот килим на доделувањето на GQ наградите за маж на годината 2015.

Домаќин на настанот беше холивудскиот актер Семјуел Л. Џексон кој на настанот се појави во елегантен црн костим со интересни модни додатоци.

За маж на годината, магазинот го одбра актерот Пол Руд кој исто така одбра црн костим со вратоврска како најелегантен избор за свечени настани.

Навистина голем впечаток остави британската поп сензација Сем Смит на кој магазинот му ја додели наградата за најдобар машки артист. Покрај престижната награда, пејачот објави дека токму тој бил избран да ја испее музичката тема за новото продолжение на Џејмс Бонд.

„Не смеев да зборувам за тоа цела година. Лажев, но мислам дека не го направив тоа добро. Сега конечно можам да ја објавам прекрасната вест. Сакав песната да биде совршена пред да можам да му потврдам на светот дека јас сум избраниот. Сѐ уште не ми се верува за каква чест станува збор“, изјави пејачот.

Неговиот британски колега и неверојатен музичар, Џејмс Беј ја доби наградата за најдобра нова музичка надеж, а на доделувањето се појави во негов стил, бела кошула комбинирана со црн костим и шапка.

За најдобар спортист беше одбран Луис Хамилтон, а наградата за икона ја доби Лајонел Ричи. Наградата за жена на годината заврши во рацете на прекрасната Емилија Кларк, додека Кристоф Волц ја доби наградата за актер на годината.

Погледнете дел од атмосферата на годинешното доделување на наградите.

Објавено:
9 септември 2015
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
618 пати