Контроверзна и уникатна – Франка Созани

22 јули 2014

Култниот Вог во принтано издание е повеќе од педесетина години, а Франка Созани е една од ретките која го има главниот збор кога се работи за создавање на авангардни изданија на магазинот. Таа е на чело на италијанскиот Вог веќе 26 години, а од денешна перспектива не се плаши да признае за своите грешки кои сепак придонеле да работи понапорно за прогрес во професионалната сфера. Првото нејзино издание за Вог било тотално различно од она што претходно се претставувало. Созани на насловната ставила модел без шминка со обична бела маица, а на долниот дел пишувало „ново“.  Тоа е изданието кое означи нов старт односно нова фаза за италијанското издание на магазинот, во кој претходно преовладувале модели со впечатлива шминка, масивен накит и луксузни фустани.

Според Франка, универзален јазик за разбирање со остатокот од светот е токму фотографијата. До сега соработувала со голем број познати фотографи, меѓу кои е и феноменалниот Стивен Мејсел.  Според неа во Италија се зборува само италијански јазик и за да може да комуницира со остатокот од светот, тоа знае најумешно да го направи токму преку моќните фотографии. Можеби тоа е и разликата помеѓу италијанското издание на Вог и сите останати, особено американското кое е направено според потребите на пазарот и е достапно и за оние домаќинки кои живеат во помалку населени места, а сепак сакаат да бидат во тек со модните трендови. Клучната разлика е токму тука, американскиот Вог може да се купи и во обичен супермаркет, но не и италијанскиот, кој се уште држи до своето реноме.

Уредничката на италијанскиот Вог исто така е позната по изјавата дека сака необични модели за своите едиторијали. Стереотипната убавина според неа е монотона, а Инстаграмот го користи за пронаоѓање токму на нови и интересни индивидуи кои би биле дел од новите содржини на магазинот. Неодамна заврши неделата на Висока мода во Париз која според Франка понудила нешто сосема ново, но и достапно на помладата популација, која се повеќе е дел од модните шоуа. Според неа, модниот пазар повеќе не е конзервативен и резервиран само за богатите дами, а интересот од Западна Европа и САД е насочен кон Источна Европа и Азија.

Во однос на модните блогери, Созани верува дека со текот на времето ќе се направи природна селекција и дека ќе останат да функционираат оние кои имаат навистина што да кажат, а не да го користат блогот за навредливи и површни изјави. Иднината на модата според уредничката е процес на еволуција, односно тоа што било модерно вчера, денес може да биде тотално неважно и токму затоа е  неопходно е постојано да се бараат нови детали.  Слободоумна и уникатна, италијанската уредничка на Вог знае да го пронајде совршенството во ситниците и затоа е на чело на магазинот 26 години, но сепак истовремено е достојна да признае дека по повлекување од модната индустрија, ќе прекине да ги следи содржините кои ќе бидат дел од публикацијата.

Објавено:
22 јули 2014
Категорија: 
Сцена