Кралиците Ранија и Максима одржаа час по стил

26 март 2018

Кралицата Ранија (47) од Јордан со сопругот, кралот Абдула неодамна беа во дводневна посета на Холандија, каде имаа средба со кралот Вилем Александар и кралицата Максима (46).

На оваа средба изгледа најмногу се израдуваа модните медиуми, кои со големо внимание ја проследија. Имајќи го предвид нивниот беспрекорен стил, сите со нетрпение очекуваа да видат во што ќе се појават кралиците.

А нивниот избор и овој пат наиде на одобрување и воодушевување.

За време на дводневната посета, во јавноста беа достапни фотографии од три нивни појавувања, а за секое носеа комбинација која дише со софистицираност, одважност и умереност.

Првин ги видовме во сосема ускладени стајлинзи (случајно или намерно). Кралицата Максима се појави во светлосив фустан со карнери, кој го надополни со интересен турбан и модни додатоци во кафени нијанси. 

Кралицата Ранија пак, на првата средба се појави во бели панталони од „Александар Меквин“, во комбинација со сива ролка и сиво палто, а чантата и чевлите беа во склад со останатата комбиација. Од фотографиите ќе забележите дека нивниот избор на чевли е идентичен, само во различна боја, што уште еднаш укажува на нивниот сличен моден вкус.

На втората средба, кралицата Максима носеше беж капут, без ракави, под кој се наѕира фустан од тантела во слична нијанса и впечатлива шапка.

Кралицата Ранија пак, се одлучи за пастелносин капут со рамен крој и дворедно закопчување, под кое носи миди здолниште со висок струк и бела кошула. Модните додатоци остануваат исти.

 

За крај, излегоа фотографии од вечерата во кралската палата во Хаг, каде присуствуваше и остатокот од холандското кралско семејство. Кралицата Ранија за таа пригода се појави во црн фустан со цветни везени мотиви, додека кралицата Максима се одлучи да остави впечаток во жолта креација со карнери. 

Со ова докажаа дека со право важат за едни од најдобро облечените жени, кои секако треба да послужат како инспирација.

 

фото извор: vogue.com; dailymail.com; facebook/queenrania; harpersbazaar.com;

Објавено:
26 март 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.379 пати