Криси Тиген за прв пат јавно проговори за пост – породилната депресија

7 март 2017

Криси Тиген ја познаваме како една од најубавите модели на денешницата, авторка на најпродаваната книга за готвење според Њујорк Тајмс и сопруга на еден од најпознатите музичари на денешницата Џон Леџенд.

Жените ширум светот ја обожуваат бидејќи постојано е брутално искрена – ќе ви одговори кое е најлудото место каде што имала секс, како да го направите совршеното јадење за вашиот сакан, каков е Џон приватно и што уште не.

Иако досега јавно говорела за проблемите со зачнувањето пред да ја добијат нивната преслатка ќеркичка Луна, она за што прв пат ѝ се обрати на јавноста овие денови е борбата со пост – породилната депресија.

Во искрен текст за магазинот Гламур, таа јавно говори со што се соочила по раѓањето на Луна минатиот април, зошто тоа се случува и што да направите за побрзо да ја надминете оваа состојба.

Таа ќе каже дека иако за многумина изгледа како да е најсреќната личност на светот, но тоа не е сосема точно.

Есејот го почнува говорејќи за нејзиниот сопруг Џон, кого го опишува како најдобриот човек што го запознала некогаш – грижлив, внимателен и разбран како што впрочем и изгледа.

Говори за нивниот прв состанок кога го викнала да излезат на фенси вечера за која не била сигурна дека нејзината кредитна картичка може да ја покрие.

„Не можев да си дозволам постојано да одиме на такви вечери, па почнав да готвам дома, правев јадења по мои рецепти само за нас двајцата. Кога конечно излезе мојата прва книга за готвење, бев неверојатно горда на себе“, пишува таа за Гламур.

Во април минатата година таа на свет ја донесе прекрасната Луна за која ќе каже дека иако има по малку од нивните карактери, таа е неверојатно своја.

„Имав сѐ за да бидам среќна, но не бев. Она што сите околу мене го знаеја, освен јас, е дека имам пост – породилна депресија. Како можев да се чувствувам лошо кога сѐ беше толку добро? Знам дека и за овој текст ќе има многу коментари како што беше случај со ин витрото и тоа што одлучив да го одберам полот на моето бебе. Но, ова е многу важна работа за мене и за многу други жени ширум светот и затоа се одлучив да зборувам за тоа“, вели Криси.

Кога се родила Луна, нивниот дом сѐ уште бил во изградба. Таа ќе каже дека некое време живееле во изнајмен стан, па потоа во хотел и за сето она што се случувало, Криси ги обвинувала околностите.

„По само четири месеци се вратив на работа, во студиото на Lip Sync Battle, каде моите колеги ми ги пружија сите услови за да се чувствувам удобно, и јас и Луна. Но, кога станував наутро за да одам таму, телото ме болеше. Ме болеше грбот, вратот, рамената, зглобовите... Немав апетит. Не јадев со денови, а знаете што мислам за храната. Едноставно, не можев да комуницирам со луѓе“, пишува Криси.

Таа додава дека долго време не можела да сфати зошто била несреќна и зошто никогаш не сакала да излегува од дома.

„Ги прашував луѓето дали врне, дали е сончево, едноставно не сакав никој да ги тргне завесите. Поминуваа денови, а јас не се поместував од моето место на каучот. Не можев да соберам доволно сила за да се качам горе и да си легнам во спалната соба. Џон спиеше на каучот со мене, а јас си чував удобна облека долу за да не морам да се качувам до горе кога тој ќе оди на работа. Постојано плачев без причина. Кога ќе ме видевте надвор тоа беше затоа што морав да се појавам некаде. Едвај собирав сила да се истуширам и подготвам за некој настан“, пишува манекенката.

Таа појаснува дека ако порано била личноста која ја осветлува просторијата, одеднаш се претворила во многу мал човек кој не сака да комуницира со никој.

„Морав да одам во болница, болките во грбот се претворија во нешто ужасно. Никој не знаеше да ми каже точно кој е мојот проблем. Постојано чувствував вртоглавици, а некогаш се прашував дали можеби го измилувам сето тоа, бидејќи немав точна дијагноза. Во декември отидов кај мојот гинеколог и се плашев што ќе ми каже, бидејќи се уморив од болките, непроспиените ноќи, повраќањето, немањето енергија и желба за ништо. Тој извади една книга и почна да ми чита симптоми и по кратко време сфативме дека ги имам сите. Без двоумење, докторот конечно ми кажа дека страдам од пост - породилна депресија“, пишува Криси во есејот.

Таа додава дека конечно се израдувала што знае што и е, и како може да си помогне себеси.

„Почнав да пијам антидепресиви и ми помогнаа. Почнав да им кажувам на моите најблиски од што всушност страдам. Мислев дека секој заслужува објаснување за моето однесување. Тоа што изневерив многу луѓе беше полошо од физичката болка. Ја имав целата помош на светот, од Џон, од мојата мајка, дадилка... Но, пост – породилната депресија не одбира. Едноставно не можев да ја контролирам. Се чувствував себична и чудна што им велев дека се борам со таа состојба. И денеска понекогаш се чувствувам така“, пишува Криси.

Таа појаснува и дека е свесна дека многу жени со оваа состојба немаат помош како нејзината и ги почитува сите мајки на светот, а особено ги разбира оние со проблем како нејзиниот.

„Зборувам сега бидејќи сакам сите да знаат дека може да се случи секому и дека не треба да се срамите од тоа, ниту пак да се чувствувате осамени. Зборувајте отворено за тоа, ќе ви помогне. Ќе имате добри и лоши денови, но мора да се борите. Физички и денеска немам доволно енергија за многу работи, но болките во грбот се подобрија, иако зглобовите сѐ уште ме болат. Има денови кога немам апетит, но се носам со тоа“, вели Криси.

Таа посочува дека нејзиниот сопруг бил неверојатно грижлив додека сето тоа се случувало, а така е и денеска. Ќе каже дека тој постојано и носел лекови, се грижел за неа и гледал лоши филмови до доцна во ноќта.

„Тој знае дека очите ми светат кога се грижи за мене и знае дека тоа ми треба. Знам и дека понекогаш му е тешко и сака да ми викне: Собери се! Но, никогаш не направи да се чувствувам лошо. Го сакам него и Луна повеќе одошто можете да си замислите и сѐ уште сакам и се надевам дека ќе можеме да и дадеме братчиња или сестри. Пост – породилната депресија не го промени тоа. 

Објавено:
7 март 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.886 пати