Лејди Гага: Сексуалниот напад целосно ме смени!

12 декември 2015

Лејди Гага имаше исклучителен настап на доделувањето на годинешните Билборд награди за жени во музиката во петокот, со нејзината емотивна „Til It Happens to You“ посветена на жртвите од сексуално насилство. 

Нејзиниот настап беше уште повеќе емотивен со оглед на фактот што и таа самата на 19 – годишна возраст била жртва на сексуално насилство по што нејзиниот живот целосно се сменил. 

Наградата за жена на годината ѝ беше доделена од нејзината мајка Синтија Џерманота која на сцената раскажа неколку интересни случки од детството на пејачката. 

Таа ја прими наградата на навистина емотивен начин, по што уште еднаш посочи дека станува збор за проблем што целосно ја менува жената и нешто за кое никој не смее да молчи. 

За нејзиното лошо искуство таа молчела цели седум години, бидејќи не сакала да мисли на тоа и сметала дека таа е виновна за она што ѝ се случило. 

„Не знаев ни како да се однесувам, ни што да мислам за она што ми се случи, ниту како да го прифатам. Се обвинував себеси, си велев дека самата јас сум крива. Тоа беше нешто што целосно ми го смени животот. Ме смени мене, смени сѐ околу мене...моето тело, моите мисли, моето однесување“, изјави Лејди Гага во едно неодамнешно интервју. 

Поп ѕвездата додава и дека немало ден да не се запраша што направила во животот за да го заслужи тоа што ѝ се случило. 

„Си велев дека тоа ми се случи поради мојот начин на облекување, поради тоа што понекогаш сакав да бидам провокативна...Мислев дека со тоа го повикав тоа што ми се случи, дека тоа беше моја вина“, додава таа. 

На доделувањето на наградите низ неколку емотивни реченици напомена дека секоја жена која се соочила со нешто слично, мора да се бори до крај и да биде исклучително силна и храбра. 

„Денеска сум тука за да ги инспирирам другите жени. Кога гледам во ова море од убави лица на кои имам шанса да им пеам, гледам многу тајни што ги убиваат. Ние не сакаме да ја држиме болката во нас и таа да нѐ убие. Сите заедно ќе се ослободиме од таа болка и од тој отпад, ќе го фрлиме сите заедно“, изјави пејачката.

Објавено:
12 декември 2015
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.844 пати