Летната резиденција на Синди Крафорд и Ренди Гербер

1 февруари 2014

 

Денес ќе ве однесеме на прошетка во домот на една од најпознатите супермодели од ’90-тите години, генијалната Синди Крафорд. Убавицата и нејзиниот сопруг Ренди Гербер, поседуваат луксузен дворец во мексиканското одморалиште Лос Кабос. Прв сосед им е актерот Џорџ Клуни кој е и најдобар другар на Ренди, веќе дваесет години. Поради тој факт решиле куќите да им бидат изградени една до друга. Првичната идеја била двете архитектонски градби да бидат како една цела, но потоа ѕвездите решаваат да ги поделат во две луксузни вили.

 

 

Од фотографиите се гледа дека куќата на Синди и Ренди е изградена само за одмор, но и за собири со пријателите. Од долгите маси со повеќе столови кои ги има во надворешниот дел и внатре во дворецот, па се до прекрасните удобни лежалки покрај базенот, се гледа дека ова семејство е мошне гостољубиво и расположено за дружба со најблиските и драги гости како од кругот на потесното семејство, така и пошироко.  Резинденцијата зрачи со луксуз и елеганција, но она што навистина импресионира е погледот, кој нуди неверојатно убава глетка.

 

 

„Куќата е на само неколку чекори до океанот и тој факт е навистина релаксирачки. Сакав да изградиме место во кое ќе кружи позитивна енергија и чувството на пријатност, место каде ќе можеме да ги собираме пријателите“, објаснува Гербер.

 

 

Целиот ентериер пулсира во една смирена атмосфера, украсена со модерен мебел. Меките пастелни бои го обвиткуваат просторот. Додатоците воопшто не изостануваат, тие заедно со бројните фотографии закачени на ѕидовите, му даваат ретро шмек на амбиентот.

 

 

 

Објавено:
1 февруари 2014
Категорија: 
Сцена