Македонката Христина Јанеска воодушеви во креации на Елена Лука на Мис Туризам

24 јуни 2019

Македонската претставничка Христина Јанеска воодушеви во прекрасни креации на етаблираниот моден бренд Елена Лука на годинешниот интернационален избор Мис Туризам.

 

Прекрасната Христина (24) се закити со титулата втора придружничка на годинешниот избор и уште три други под – титули кои специјално секоја година ги доделуваат спонзорите на настанот.

Инаку, станува збор за интернационален избор што годинава се одржа во местото Свети Влас во Бугарија, конкретно во луксузното пристаниште Диневи во чиј ресорт девојките биле сместени за време на престојот.

„На изборот имаше околу 25 кандидатки по што беа избрани само 15 – тина девојки во потесниот круг. Во таа конкуренција, Христина имаше феноменален настап и беше одбрана за втора придружничка што е исклучително висока титула. Огромна благодарност од нас до модната куќа Елена Лука која обезбеди четири креации во кои Христина се претстави, а особено внимание предизвика со вечерната тоалета која ја пофалија сите присутни. Многу сме задоволни од тоа како помина Христина, а станува збор за реномиран избор каде минатата година го освоивме првото место со Емилија Розман“, изјави националниот директор на изборот, Роберт Граматиков.

Познатата модна куќа за Христина обезбеди вкупно четири креации што таа одлично ги износи, а со кои го привлече вниманието на сите присутни.

За почеток, таа се претстави во луксузен црвен фустан на едно рамо со раскошен тул во долниот дел и дополнително украсен со уникатни цвеќиња. Истиот го надополни со високи транспарентни сандали, впечатлива шминка и едноставна, но ефектна фризура.

Подеднакво прекрасно изгледаше и во кусото сиво металик фустанче што ѝ прилегаше одлично со оглед на нејзината фигура. Истото е со неверојатен ефект благодарение на изборот на богати материјали и откриените рамена како еден од најпосакуваните детали во текот на летото.

На традиционалната вечер, таа се претстави во фустанче до под колената со бела основа на која рачно се извезени мотиви од македонски носии во интензивна црвена боја. Истото таа го комбинираше со сребрени чевли и изгледаше навистина впечатливо.

Она со што блесна на главната вечер, односно на финалето каде и се закити со титулата втора придружничка, беше елегантен, секси црн фустан со транспарентни делови во кој таа изгледаше навистина уникатно.

Погледнете како помина прекрасната Христина на интернационалниот избор Мис Туризам 2019 во Свети Влас, Бугарија.

Објавено:
24 јуни 2019
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
945 пати