Маноло Бланик: Мислам дека прилично добро правам чевли

6 ноември 2017

Во изминативе речиси 50 години, неговите чевли ги носеле сите етаблирани дами познати за светската јавност, од Принцезата Дијана до Мишел Обама.

Периодов е актуелен новиот документарец „Manolo: The Boy Who Made Shoes for Lizards", со кој е направен еден комплексен и исцрпен портрет на Маноло Бланик, талентираниот чевлар кој стана највлијателниот дизајнер на чевли во 20-от и 21-от век.

V Magazine

Во кратко интервју за Elle.com, Маноло одговара на неколку интересни прашања, преку чии одговори веројатно ќе дознаете некои занимливи факти и информации за дизајнерот, што досега не сте ги знаеле.

Која е Вашата најголема вештина?
-Мислам дека прилично добро правам чевли.

Дали чувате нешто сентиментално во Вашиот паричник?
-Имам уникатни манжетни од Tiffany&Co, што ми ги дадоа пред неколку години. Едноставно ги обожувам.

Кое е Вашето омилено место што го посетивте за време на турата „Art of Shoes"?
Прага и Санкт Петербург. Сум бил и порано во Санкт Петербург, но од тогаш се променило размислувањето на луѓето таму.

Ако можевте да бидете било каде сега, каде би биле?
Во мојата куќа на Канарските острови.

Кое е највредното парче облека што го поседувате?
-Првото одело што сам го направив – во неонска зелена боја. Одвратно е, но го обожувам.

Што во моментов е на вашата музичка „плејлиста"?
-Неверојатната верзија на Нина Симон на песната „The house of the Rising Sun". Ја сакам и „Work, work, work" од Ријана. Дали е срамно што човек на мои години ужива во тоа?

Дали имате утрински ритуал во недела?
-Читам The Telegraph и пијам една огромна, навистина огромна чаша свежо цеден портокал.

Колку машни-пеперутки имате?
-Премногу. Во Америка купувам милиони машни-пеперутки од Ралф Лорен. Јас сум едно возрасно момче од старата генерација, па ги обожувам.

Омилен подарок што сте го добиле?
-Подароците што ми ги поклонуваше мајка ми, бидејќи таа повеќе не е меѓу нас.

Зборови на мудроста...
-Пред многу години, ја сликав Анџелика Хјустон, и таа тогаш ми даде еден совет: Секогаш изгледај свежо и посакувано.

 

Објавено:
6 ноември 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
866 пати