Маж со церебрална парализа победи на „Британија има талент“

4 јуни 2018

Маж со церебрална парализа победи на годинешното издание на „Британија има талент“ откако ги освои симпатиите на публиката со неговите комични настапи.

Триесет и седумгодишниот Ли кој настапуваше под името „Lost Voice Guy“ е роден со церебрална парализа, а како многу мал целосно го изгубил и гласот.

За многу кратко време тој стана миленик на публиката и жирито, благодарение на неговите шеги со кои сакаше да испрати порака за тоа каква е реалноста на луѓето со инвалидитет и колку тоа е потребно да се смени.

Настапите тој ги реализираше со помош на компјутер преку кој можевме да ги чуеме неговите шеги кои стануваа сè подобри за во финалето да брилира со најсмешниот настап.

„Многу сум возбуден што настапувам пред „Кралицата“. Ја сакам уште откако ја отпеа Bohemian Rhapsody“, беше само една од шегите на финалниот настап.

Тој досега има работено како новинар, а бил дел и од комуникацискиот тим во Советот на Сандерленд, но вистинската слава ја доживеал откако познатиот британски комичар Нобл го поканил да настапува пред него.

На големото финале на една од најпопуларните манифестации во Британија, се појави и познатиот актер Ченинг Татум, а преку видео и омилениот свештеник од кралската свадба, Мајкл Кари кој повторно имаше инспиративен говор упатен до сите учесници.

Погледнете го победничкиот настап на сега веќе, омилениот лик на Британија, инспиративниот „Lost Voice Guy“.

Објавено:
4 јуни 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
375 пати