Мерил Стрип пред да стане ѕвезда

7 мај 2018

„Мерил Стрип пред да стане ѕвезда“ е насловот на галеријата што ја објави магазинот „Vanity Fair“. Фотографиите се од почетоците на Мерил како актерка.

Имено, после три години од завршувањето на образованието, таа ќе се пријави на аудиција за „Kramer vs. Kramer“, не претпоставувајќи дека токму таа улога во 1979 година ќе ѝ донесе Оскар. 

Почетоците ја врзуваат за Бродвеј, каде што ќе биде мошне успешна. Гледајќи го Роберт де Ниро во „Taxi Driver“ (1976), кој ќе остави голем впечаток и влијание кај неа, ќе си рече: „Ваков актер сакам да станам кога ќе пораснам“. Години подоцна, таа ќе биде токму тоа - женска верзија на Роберт де Ниро во смисла на квалитет и безвременост.

Мерил Стрип, Њујорк 1978

Првиот филм во кој се појавува  е „Julia“ каде игра покрај Џејн Фонда. Има многу мала улога, и во прв момент искуството на големото платно нема да ѝ се допадне: „Имав лоша перика, и репликите што ги имав и снимав со Џејн Фонда ги извртеа во сосема нов контекст. Помислив, каква грешка, никогаш нема повеќе да снимам филмови. Го мразам овој бизнис“, ќе каже во една приугода.

Но, Мерил признава дека и Џејн Фонда ќе изврши големо влијание врз неа и ќе и отвори врати за кои можела само да сонува.

Во 1978 година ќе го сними остварувањето „The Deer Hunter“, благодарение на улогата во „The Cherry Orchard“, каде ќе ја забележи токму Роберт де Ниро.

Џон Казале и Стрип за време на снимањето на The Deer Hunter, 1977

Следната година ќе биде дел од остварувањето на Вуди Ален „Manhattan“.

„Ален никогаш не ми го даде комплетното сценариот, туку само шесте страни што беа мои. Немав дозвола да импровизирам ни збор од дијалозите што ги имав“, се присетува Стрип.

Потоа следува „Kramer vs. Kramer“, каде Мерил ќе игра покрај Дастин Хофман. За потсетување, во филмот Стрип го толкува ликот на несреќно мажена жена, која го напушта сопругот и детето. Мерил ќе смета дека сценариото го прикажува женскиот лик како „премногу лош“ и дека не прикажува реална жена која се соочува со распаѓање на брак и битка за старателство. Продуцентите ќе се согласат со неа, а сценариото ќе биде изменето. При подготовката за улогата, Мерил ќе зборува со мајка си, за нејзиниот живот на сопруга и жена со кариера. Режисерот Роберт Бентон ќе ѝ дозволи на актерката сама да го напише дијалогот за две клучни сцени и покрај противењата на Хофман.

Мерил и Дастин Хофман за време на на снимањето на Kramer vs. Kramer 1979

Во една пригода актерот ќе каже за неа: „Таа е неверојатно вредна актерка, но до тој степен што тоа ѝ станува опсесија. Мислам дека таа за ништо друго не размислува, освен за она што го работи“. 

Во контекст на целава приказна за младата Мерил, погледнете ги и фотографиите од „Vanity Fair“:

Streep in New York City, 1979

Џастин Хендри и Дастин Хофман, 1979

Хофман, Стрип, режисерот Роберт Бентон и продуцентот, Стенли Џеф на Оскарите, 1980

Мерил Стрип, сцена од Kramer vs. Kramer

Хофман и Хери, сцена од Kramer vs. Kramer

Објавено:
7 мај 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
786 пати
Извор: 
vanity fair