Првиот понеделник од мај веќе со години наназад е резервиран за еден од најпрестижните модни настани, Мет гала.

Како што и претходно беше најавено, годинашнава тема и на галата, а воедно и на големата модна изложба во њујоршкиот музеј „Метрополитен“ која ќе се отвори на 4-ти мај, беше работата на јапонската дизајнерка Реи Кавакубо (74), која креира под брендот Comme des Garcons.

-Кавакубо е еден од најважните и највлијателни дизајнери во последните 40 години. Со самото тоа што нè повика да размислуваме за модата на нов начин, како на константна креација, хибридност, повторна креација, таа ја дефинираше естетиката на нашето време – изјави Андреј Болтон, куратор на музејот.

Преку нејзината работа го изразува ставот за анти-мода, па ги поместува границите на конвенционалното поимање на модата.

Ана Винтур во „Шанел“

И ако разгледате како изгледа тоа што Кавакубо го создава, ќе се согласите дека е малку потешко да се пренесе на црвениот килим. Изгледа тоа беше и главната причина што речиси сите не ја испочитуваа темата – дури ниту домаќинката Ана Винтур, која носеше креација на „Шанел“.

Сите што очекуваа да видат откачен и возбудлив црвен килим, веројатно останаа разочарани. Годинашниот црвен килим беше веќе виден и еден од најдосадните  кога е оваа манифестација во прашање. Може да се рече и дека беше најнеочекуваниот, но не во онаа смисла во која мислевме дека ќе биде.

Ријана во Comme dees Garcons

Сепак, во толпата креации, постоеја и неколку што се потрудија да внесат доза на авангардност и покажаа дека да се испочитува темата и не е така невозможно.

Ријана повторно беше во центарот на вниманието, носејќи комплетна креација на Comme des Garcons, а тоа од неа и се очекуваше.

Креации од Кавакубо имаа и Фарел Вилијамс, кој исто така беше еден од домаќините и неговата сопруга, како и Трејси Елиот.

Фарел Вилијамс и Хелен

Некои се потрудија да внесат макар некои препознатливи елементи на дизајнерката – волуменозни силуети, оригами, црвена боја, што беше случај и со Кејти Пери, втората почесна домаќинка на настанот.

Кејти Пери во „Марџела“ (Џон Галијано)

Лили Алдриџ во Ралф Лорен

Рита Ора во DFV (Џонатан Сандерс)

Трејси Елис

Каролин Кенеди

За дел од жените, инспирација (а и најлесен начин да се „вклопат“ во темата) беше и фризурата на дизајнерката, па слична таква видовме и на Бела Хадид, Карли Клос, Наоми Кембел, Лили Колинс, Кери Вашингтон...

Наоми Кембел

Лили Колинс

Кардашијанс-Џенер беа далеку од она што дизајнерката се залага, па веројатно затоа и нивното издание беше едно од најлошите.

 Кајли Џенер во Версаче

 

Кендал Џенер во La Perla Haute Couture

Иако далеку од темата, вниманието на модните медиуми го привлече и актерката Пријанка Чопра, со балонер фустанот, креација на модната куќа „Ралф Лорен“.

Пријанка Чопра во креација на Ралф Лорен

За потсетување, Реи Кавакубо е првиот жив дизајнер после Ив Сен Лоран во 1983 година, кој е предмет на модната изложба.

За тоа дали и колку може да се прогласи оваа Мет гала за успешна, проценете и самите од галеријата погоре.

Објавено:
2 мај 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.594 пати