Метју Пери отворено говори за зависноста од алкохолот

20 август 2015

Вчерашниот ден помина во знакот на еден од омилените ликови од култната серија „Пријатели“, Метју Пери кој го прослави својот 46 – ти роденден. 

По тој повод, The Hollywood Reporter објави видео во кое заедно со актерот и уште неколку други поранешни зависници го посетија домот Phoenix House каде отворено говореа за нивните проблеми со алкохолот. 

Токму таму, „Чендлер“ помина неколку години каде силно се бореше со неговата зависност од алкохол и дрога во најубавите денови од неговата слава. 

„Не можеш да имаш проблеми со дрогата 30 години и да очекуваш да бидат решени за 28 часа. Јас бев многу трогнат од надежта што ја видов и пронајдов овде. Да се отрезниш и да останеш трезен е нешто навистина тешко. 

Во видеото Пери говори и за фактот дека проблемот бил уште поголем со оглед на тоа што тој е јавна личност. 

„Јас сакам да ја зачувам приватноста за себе, но тоа не е можно бидејќи бев дел од шоу што го гледаа 30 милиони луѓе. Сите знаеја за моите проблеми, сето тоа беше многу јавно“, вели Пери во интервјуто. 

Во видеото, актерот се сретнува со уште тројца зависници од истата болница, кои јавно говорат за истите проблеми со кои се соочиле.

 

„Овие центри за лечење се многу важни бидејќи тука може да се разделат зависниците од околината во која живеат и во која всушност започнале со проблемот“, раскажува актерот. 

Тој ќе додаде дека исто така една од поважните работи е да успееш да се соочиш со мислите и да почнеш да им помагаш и на другите. 

Актерот јавно говори и за тоа дека имал многу лоши и добри моменти во животот, но и дека денеска е среќен што може да им помага на другите зависници од алкохол. 

Во 1997 – та година, Метју Пери се пријави на лекување од алкохол во времетраење од 28 дена, па повторно се врати назад во 2001 – та година. 

Во моментов, тој го глуми Оскар Медисон во ресоздадената серија The Odd Couple, каде повторно можеме да уживаме во добро познатите шеги на Чендлер.

Објавено:
20 август 2015
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.345 пати