Мишел Фајфер изгледа сензационално на промотивната турнеја за Maleficent

8 октомври 2019

Прекрасната актерка Мишел Фајфер во моментов го промовира новиот филм Maleficent: Mistress of Evil во кој глуми заедно со Анџелина Џоли, а во истиот го толкува ликот на кралицата Ингрид.

Очекувано, во секој филм каде глумат две успешни актерки речиси секогаш постојат шпекулации дека тие не се согласуваат, иако во овој случај Фајфер го тврди спротивното.

„Ова е прв пат да го слушнам ова од вас, иако досега зборував со многу новинари. Ова секако не е вистина, имаме прекрасна врска со Анџелина. Задоволство е да се работи со неа, таа е вистински професионалец. Јас во ниту еден момент не почувствував дека мојата хероина има споредна улога. Токму со Анџелина, која е продуцент на филмот постојано разговаравме за моите сцени и заедно со режисерот мислам дека завршивме добра работа и супер се забавувавме“, вели актерката за руското издание на Buro.

Таа додава дека сите женски карактери во филмот се супер силни, постојано се натпреваруваат и ја покажуваат нивната моќ, а особено и е драго што ликот на најмладата, Аурора, е и најмудриот.

Поврзано со ова, таа ќе каже дека и денеска, по толку години успешна кариера како актерка, сѐ уште учи.

„Постојано сум во потрага по нови можности, сакам да учам нови работи. Некој од моите колеги сметаат дека ова е времето кога треба да престанеме и се плашат од нови задачи и улоги. Тоа е најлошото нешто што можат да си го направат во кариерата“, додава Фајфер.

За нејзината нова улога како Ингрид во второто продолжение на Maleficent, ќе каже дека иако прави лоши работи, на крајот таа го добива она што го заслужува.

„Тоа е многу важно, треба да сме свесни што му претставуваме на светот. Секогаш е важно да запаметиме колку моралот е важен и како ќе ѝ биде претставен на публиката“, вели шармантната актерка.

Во интервјуто говори и за тоа колку костимите се важни за да се претстави еден лик, а следствено, колку и облеката приватно е важна за впечатокот.

„Да бидам искрена, целата моја облека е црна. Се обидувам малку да се дотерам поинаку во текот на летото. Понекогаш, влегувам во гардероберот и си велам: Денеска нема да носам ништо црно...Но, таму има цел океан црни работи...И повторно одбирам нешто темно, едноставно, другите парчиња не ми одговараат“, вели Фајфер чиј лик во новото продолжение на Maleficent постојано носи бели парчиња дополнително истакнати со впечатлив накит.

Инфо: Buro 247.ru

Фото: Daily Mail, Reuters, Hollywood Post

Објавено:
8 октомври 2019
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.928 пати