Модно жири: Македонската модна свест доживува позитивни отстапки

22 февруари 2014

kolaz1

 

Изминатата недела беше богата со јавни настани каде поводот и просторот бараа соодветен дрескод, а кој повеќе - кој помалку го испочитува. Нашите јавни личности веќе на некој начин навикнаа дека нивниот изглед  можеби ќе биде оценуван, па слободно можеме да кажеме дека се чувствуваа  големи модни промени во однос на нивниот стајлинг.  Неделава  Универзална сала беше резервирана за престижната „Златна Бубамара“ , додека во „Музејот на македонската борба за државност и самостојност“ за прв пат во организација на Македонската телевизија се одржа манифестацијата „МРТ за Најдобрите“. Фото објективот на Fashionel ги забележа сите моменти вредни за коментар, а во продолжение ги имате ставовите што ги споделуваме со вас.

 

Анета Андонова - уредник на забавната редакција на МТВ

Анета Андонова која одамна не сме ја виделе на тв-екраните, а сега е уредник на забавната редакција на МРТ, како една од домаќините на настанот, на црвениот килим изгледаше одлично. Таа се појави во сигурна црна варијанта од фустан со миди должина од татнела и црно класично палто. Црната комбинација ја освежи со бел капут во иста должина, а кога се додатоците во прашање, таа се одлучи за црни лакирани салонки, мала црна чанта со златен синџир и дискретни обетки. Оваа монохроматската варијанта се покажа како добитна за Анета, која пријатно не изненади.

 

Лабина Митевска

Уште една сигурна црно-бела варијанта, но овој пат во макси должина. Лабина секогаш преферира да го истакне модниот индивидуализам, па така и овој пат за настанот „МРТ за најдобрите“, се истакна преку впечатливиот принт на капутот и елегантната писирана тоалета, со длабоко деколте. Во однос на шминката и фризурата таа речиси никогаш не експериментира, па така и сега ја претпочита едноставноста. Црните салонки се исто така сигурен и соодветен избор за оваа комбинација.

Александар Митевски

Музичарот Александар Митевски остана доследен на својот стил, па и овој пат, на доделувањето на „Златна Бубамара“  се појави во костум. Но, она што е дискутабилно е материјалот од кој е изработен. Костумите од памучен сатен веќе одамна не се актуелни. Во ред е тоа што се одлучил за елегантна, класична варијанта, но во „очи ни паѓа“ спортската чанта, која во никој случај не смеел да си ја дозволи. Изгледа несеризоно, како воопшто да не се потрудил за изгледот за настанот и го одбрал првото што му дошло при рака, особено кога е чантата во прашање.

Светлана и Мики Црнокрак

Модната двојка, Светлана и Мики Црнокрак на манифестацијата „МРТ за најдобрите“ се одлучи за елегантен вечерен стајлинг. Мики најчесто го гледаме во спортска варијанта, затоа што како што и самиот вели, сака да ужива во комфорот. Но, во случајот се обдел да даде елегантна нота. Се одлучил за црно палто и сива кошула, во комбинација со црни панталони од кепер. За уште поофицијален изглед, требало кошулата да ја вовлече во панталоните. Но, исто така, дискутабилен е моментот со комбинирањето на две различни нијанси на црна. Сметаме дека подобар избор би направил доколку ги усогласел нијансите, или пак материјалите од кои се изработени парчињата.

Неговата поубава половина, Светлана, се одлучила за тегет фустан од кадифе, со транспарентни ракави од тантела, кој одлично и прилега на фигурата. Единствената забелешка ја имаме за изборот на хулахопки, кои штого  затвораат комплетниот изглед. Наместо црни, подобро би и соодветствувале такви во боја на кожа, особено имајќи предвид дека и ракавите се транспарентни. Во однос на акесесоарите, изборот е добар, како и шминката и фризурата, за кои не згрешила.

Билјана Ѓошева

Младата пејачка која настапи на „Златна Бубамара“, Билјана Ѓошева, можеби треба да размисли да се консултира со стручен тим за градењето сценски имиџ , кога веќе повторно после Македонски Идол,  почесто ја гледаме на телевизија. Иако материјалите со металик сјај се апсолутен хит,  фотографијата го говори спротивното, поради кројот на фустанот кој  што не прилега  на конституацијата на телото, но и делува оскудно. Фустанот има ретро момент од 1990-тите и по малку потсетува на ноќница. Мрежастите хулахопки  и црните сандали се одлични, но сами за себе, не во оваа комбинација. Од друга страна пак, направила вистински избор за шминка и фризура, кои ја истакнуваат нејзината природна убавина.

Роберт Билбилов

Познато е дека младиот музичар Роберт Билбилов го негува спортскиот стил и тоа успешно го прави. Сепак, неговите тренди спортски парчиња не се за овој настан (МРТ за најдобрите) и амбиентот во кој се одржува. Иако складноста на парчињата е очигледна и комбинацијата е успешна, сепак не е соодветна за манифестацијата, што може да се протолкува и како непочитување. Во ваква комбинација Роберт дефинитивно се издвојува, но не соодветно.

Сашко Коцев

Сите пофалби за комбинацијата за домаќинот на „Златна Бубамара“. Иако претходно сме навикнале да го гледаме најчесто во монохроматски парчиња, колоритноста и различните принтови одлично му прилегаат. Еве случај каде трендот на мешање принтови (на кошулата, пеперутка-вратоврската и шамивчето) е одлично употребен и прикажан. Иако боите се интензивни, одделно за себе, сепак целата комбинација од нијанси е совршено усогласена. Тренди и младешки, со што сосема компактна на неговата појава и улога на манифестацијата.

Северина

Вака треба да изгледа една музичка дива. Изгледот на пејачката еволуираше низ годините, за сега да блесне во најдобро светло. Северина ја почести македонската публика со гламурозна црна макси тоалета, креација на хрватската дизајнерка Матија Вуица, во основата изработена од тантела и збогатена одозгора со ситни светкави камчиња. Уште еден трендовски момент се и нагласените рамења и широкиот отвор од грбот. Единствената забелешка ни е масивниот ѓердан, кој при вака богата тоалета, е непотребен. Доволен е само масивниот тренди прстен на нејзината рака. Можеби ова е најдобриот сценски стајлинг кој го видовме на манифестацијата.

Надица Ѓоргиева и Иво Јанковски

Уште една актуелна двојка на црвениот килим. Надица и за овој настан не потфрли и се појави во комплетно црна комбинација од коктел фустан и капут. Модните додатоци се во иста боја, а кога е шминката во прашање, поранешната манекенка ги испочитувала правилата, нагласувајќи ги само очите. Нејзиниот сопруг Иво Јанковски, овој пат не изненади. На елегантниот изглед, тој одлучил да вклопи модни додатоци со хавајски принт, кои секако не се вклопуваат во ниту една рамка. Можеби шамивчето кое секогаш го комбинира би било доволно, а марамата да ја остави дома, за потопли денови.

Билјана Беличанец

Уште една класична комбинација кај актерката и градоначалничка, Билјана Беличанец. Црниот фустан до колена таа го искомбинирала со болеро со везени фолклорни мотиви, со што комбинацијата добива на интензитет. Дискретниот ѓердан, , одлично се совпаѓа со боите на болерото, а истото можеме да го кажеме и за шминката и фризурата. Беличанец како и секогаш има полн погодок на себе.

Тамара Тодевска

Многукоментираниот изглед на пејачката Тамара Тодевска од настанот МРТ за најдобрите (лево), каде носи црн тесен фустан над колена, со сексапилни  вкрстени ленти поставени од страните, кои пак откриваат повеќе од потребно, не значи дека го прави  помалу  добар за сценски настап.  Сепак, иако Тамара веќе извесно време работи на својата линија, сметаме дека за ваков избор требала да почека уште малку, или пак страничните провокативни делови да имаат транспарентен материјал, за да не и ја сечат фигурата. За фризурата, иако многумина ја коментираа негативно, ние ќе кажеме дека е смел и издржан избор за настап што е за пофалба.

Темновиолетовата тоалета со висок шлиц која ја носеше на „Златна Бубамара“ и прилегаше многу подобро од претходната. Белиот накит се покажа како одличен контраст, а со патентот и појасот на средината од фустанот, комбинацијата беше вистински микс на елеганција и урбаност.

Објавено:
22 февруари 2014
Категорија: 
Сцена