Модното дефиле на „Браќа Манаки“ - необично патување до ѕвездите

15 септември 2014

Градот на конзулите, Битола  деновиве е прекриен со најблескавата ѕвездена прашина, бидејќи оваа година јубилејно по 35-ти пат се одржува фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Со одличен избор на филмска и документарна програма, но и поради доаѓањето на трите оскаровски ѕвезди Жилиет Бинош, Крис Менџис и Лука Бигаци кои специјално за годинешното издание не почестија со своето присуство.

Директорката на фестивалот, Лабина Митевска останува верна на својот моден избор, па повторна на црвениот килим се појави во креација на дизајнерката Александра Митковска. Станува збор за долга тоалета во силна црвена боја во крој што ја следи линијата на телото.

Ѕвездата на фестивалот, актерката Жулиет Бинош која воедно е и добитничка на наградата „Златна Камера 300“ за специјален придонес во филмската уметност, на црвениот килим се појави во фустан со животински принт и патент во предниот дел потпишан од модната куќа Живанши. Актерката креацијата ја комбинираше со сандали во крем боја, еднствана фризура, минимална шминка и широка насмевка.

Пред официјалното дефиле на црвениот килим, се одржа коктел во хотелот „Епинал“ каде љубителите на филмската уметност, но и гостите имаа можност да се дружат и да разменат мислења, ставови и искуства.

Теона Митевска Теона Митевска

Сестрата на Лабина, Теона Митевска беше присутна на коктелот и ни откри дека нема да ја видиме на црвениот килим затоа што таа е задолжена за церемонијата на отворањето. Во однос на фестивалот вели дека токму сега, после 35 години постоење почнува да го добива заслужениот сјај и гламур и дека фестивалот полека од година во година позитивно се издигнува и сигурна е дека за едно десет години „Браќа Манаки “ ќе прерасне во вистински гламурозна манифестација. Митевска ни откри дека во април ќе почне со снимање на својот нов филм, а кон крајот на октомври ја најави премиерата на документарецот за Мајка Тереза.

„Нема да се појавам на црвениот килим, затоа што јас задолжена за отворањето, јас сум работно облечена со доза на елеганција. Омилена дизајнерка ми е Вивиен Вествуд, но не можам да си ја дозволам сè уште. Сакам млади дизајнери и со Лабина заедно се обидуваме да промовираме млади македонски креатори“, вели режисерката.

Иво Јанкоски и Надица Горгиева Иво Јанкоски и Надица Горгиева

На коктелот, специјално за фестивалот присуствуваа и Надица Горгиева и Иво Јанкоски. Секогаш со стил и секогаш совршено компатибилни и двајцата имаат големи очекувања од тоа што оваа година нуди само фестивал, а ни откријаи  кој се погрижи за нивниот моден избор.

 Надица Горгиева во креација на Ненад Секирарски Надица Горгиева во креација на Ненад Секирарски

„Ова на мене е Ненад Секирарски и му благодарам што ме облече вака специјално за оваа посебна вечер. Оваа тоалета е од новата колекција на Ненад која беше промовирана во Славонски Брод. Во поглед на дрес кодот што го наметнува црвениот килим и манифестација од вакви размери, сметам дека не е доволно испочитуван . Дури искрено да ви кажам дека за дел од манифестациите во самата покана е нагласен дрес кодот, но и покрај тоа луѓето не го почитуваат. Ни недостига, култура и стил на живеење, барем кога се веќе решени да се појават на една ваква манифестација, сметам дека треба да се запази делот околу изгледот“ ни кажа Горгиева.

Иво Јанкоски во одело на Версаче, кошула Хуго бос, чевли Чезаре Пачоти и часовник Брајтлинг Иво Јанкоски во одело на Версаче, кошула Хуго бос, чевли Чезаре Пачоти и часовник Брајтлинг

„Носам чевли со потписот на Чезаре Пачоти, оделото ми е Версаче, кошулата од Хуго Бос, часовникот ми е Брајтлинг. Сметам дека црвениот килим е свечен момент и полека почнуваме да реагираме и се дига нивото на модна освестеност “, додава Јанкоски.

Дунавка Трифуновска во креација на Елена Лука Дунавка Трифуновска во креација на Елена Лука

Манекенката Дунавка Трифуновска беше дел од гостите кои дојдоа специјално да бидат дел од ова јубилејно издание на фестивалот. Таа се појави во елегантна креација на модната куќа Елена Лука. Станува збор за тоалета во сирена крој изработена од црна софистицирана тантела.

„Секогаш останувам верна на тимот на Елена Лука со кој што соработувам долги години. Многу ја сакам Битола, овде се чувствувам како дома и навистина ми е мило што сум овде токму на јубилејното издание на фестивалот „Браќа Манаки“, ни кажа Трифуновска.

Симона Николовска Симона Николовска

Шармантната водителка Симона Николовска уште еднаш не' освои со својата грациозност и беспрекорен изглед. Таа носеше  долга бела тоалета за која ни откри дека е целосно нејзин дизајн.

„Ова е лично моја креација, сама ја нацртав и моја добра пријателка се погрижи да таа изгледа вака како што е. Не е дека планирам да станам дизајнер, едноставно ми се допаѓа кога можам сама да си ја осмислам креацијата и да ми ја сошијат. Гледам секогаш кога има некаков настан на кој што треба да присуствувам како гостин или како водител да носам модел кој мене лично ми се допаѓа, а нормално се надевам и на останатите. Ретко имаме можност да видиме ѕвезди од светски калибар да зачекорат на црвениот килим и баш ми е драго што тоа се случува оваа година. Голем поздрав кон целата организација на „ Браќа Манаки“. Јас се надевам дека од година во година ќе стануваме се подобри, критериумите сега за сега ги задоволуваме“ објаснува Николовска.

Раде Шербеџија Раде Шербеџија

Низ толпата луѓе можевме да го видиме и актерот Раде Шербеџија кој не е случајно во Битола. Подготовките за филмот кој ќе почне да се снима кон крајот на октомври „Ослободување на Скопје“ полека почнуваат. Кастингот е завршен и актерската екипа е одбрана. Главната улога во филмот ќе ја толкува Силвија Стојановска, заедно со Шербеџија и дел македонски актери.

„Станува збор за одличен текст и така впрочем јас дојдов на идеја на направам филмско сценарио кој со помош на авторот Душан Јовановиќ го направив и напишав и после тоа пројдовме на конкурсот во Македонија и добивме почетно финансиски средства за да отпочнеме со проектот, потоа моите продуценти Роберт Насков, Медо, Гордан Тозија и Игор Нола од Загреб, мој пријател продуцент почнавме заеднички да работиме на реализација на овој проект. Така да остваривме соработка со ко-продуценти од Европа, Финска и уште од неколку држави и на тој начин сметам дека успеавме да усогласиме буџетот за да можеме да почнеме со снимање на 24 октомври“, одговори актерот.

Оваа година се навршуваат 20 години јубилеј од премиерата на најдобриот македонски филм „Пред Дождот“ на Милчо Манчевски каде тој ја толкува главната улога. За тој повод, но и во чест на јубилејот на фестивалот актерот Раде Шербеџија особено е почестен што го има задоволството да биде во Битола.

„Дојден сум овде со мојата филмска екипа и бараме адекватни локации за филмот на кој ќе почнеме наскоро да работиме, а тоа „Ослободувањето на Скопје“. Првата клапа ќе биде на 24 октомври во Битола, каде и главно ќе се снима поголемиот дел од филмот.Навистина ми е драго што сум дел од јубилејното издание на „Браќа Манаки“ и сакам да му честитам на фестивалот 35 години постоење. Манаки е филмски фестивал кој е мошне важен поради затоа што е еден од ретките фестивали во светот од таа категорија кој прерасна во значајна и почитувана манифестација, а фокусот сепак да е на филмските сниматели, кои се апсолутно еден од најважните артистички делови  во филмот. И ми е навистина драго што еден ваков фестивал постои, бидејќи кинематограферите се божествени уметници, а секогаш се во сенка, и за нив најмалку се зборува и пишува, а тие се сепак една од најважните алки во филмот“, вели Шербеџија .

Весна Петрушевска Весна Петрушевска

После неколку годишна пауза на црвениот килим ја видовме и актерката Весна Петрушевска која носеше краток црн фустан на Марела и чевли на потпетица со тантелна апликација, потпишани од Виа Спига.

„Црвениот килим не е само тоалета, не е само одредена боја, црвениот килим секаде во светот, и сите оние кои шетаат по него е практично прашање на сопствен идентитет. Сите оние преамбициозни кои ги гледате на црвениот килим сакаат само да привлечат внимание, а додека оној кој си има свој идентитет ќе го забележите по неговата или нејзината елеганција, слободоумност, убавина, култура на живеење“ коментира Петрушевка.

Елена Ристеска Елена Ристеска

Пејачката Елена Ристеска вели дека на фестивалот дошла за да ја проследи премиерата на филмот „До Балчак“ , а според неа битолчани, особено битолчанки се едни од најсредените и најмодерните жени во Македонија.

„Генерално носам „Fashion Group“, со години соработувам со нив. Вечерва мојата кожена јакна е од Манго, останатиот дел од облеката е креација на мојата мајка, чантата ми е Луј Витон“, ни откри пејачката.

Сара Миленковска Сара Миленковска

Манекенката Сара Миленковска на фестивалот пристигна во друштво со синот на претстседателот на Македонија, Иван Иванов.

„Мила Кадриу ми помогна со здолниште во француски стил специјално за оваа пригода и едноставен топ од Манго, hand made обетки, а потпетиците ми се од Зара. Сметам дека типот на вакви настани се труди да создаде една таква култура и мислам дека сега за сега Македонија успева во тоа гледам надеж и се поголем развој на таа култура не само кај јавните личности, туку и меѓу самите луѓе кај нас. Колку и да звучи идеалистички сепак кога е нешто добро се забележува, барем во последните неколку години “ рече Миленковска.

Емилија Сарафска Емилија Сарафска

Водителката Емилија Сарафска која долги години е дел од манифестацијата секоја година редовно го почитува дрес кодот што го наметнува фестивал од ваков тип и смета е направен чекор напред особено последниве години во поглед на градење индивидуален стил и моден идентитет.

„Носам  креација на Бранка Стојчева. Фустанот е изработен од чиста свила во три слоја,  во комбинација со црна тантела во горниот дел. Напредокот со доаѓањето на Лабина на чело на овој фестивал е очигледен и неспорен. Фестивалот оди по една нагорна линија. Успеаја да донесат и квалитетни филмови и квалитетни директори на фотографија, актери и светски ѕвезди и браво за тоа“, ни кажа Сарафска.

Понежната половина од водителското дуо на манифестацијата, младата Ана Василева, носеше креација со монохроматска игра и остри кроеви потпишана од креаторката која твори под псевдонимот „Le Brand“, Лили Кадинска.

„Мислам дека развојот на културата која ја наметнува дрес кодот на црвениот килим во голема мера зависи од економските прилики. Кога економските прилики се лоши нормално е да ја нема таа култура, затоа што бара извесна материјална стабилност. Имаме среќа затоа што македонските дизајнери и дизајнерки не само што се многу добри, туку нудат и пристапни цени. Луѓето почнуваат да стануваат свесни дека едно е конфекција, а друго е рачно дизајнерско потпишано парче кое дава некаков идентитет преку кој може да се изразиме. Сметам дека треба да се дава предност на тоа што е рачно изработено и потпишано. Почитувам луѓе кои она што го имаат како свој стил знаат како да го изразат и да се носат со тоа, иако јас не почитувам многу дрес кодови, освен ако не се побара тоа од мене. Организациски Манаки се повеќе напредува и верувам дека во локални регионални рамки максимумот е постигнат и дека ако сакаме ова да напредува треба многу повеќе да се вложи за да имаме една регионална сила, многу посетува регионален фестивал “ ни кажа водителката.

Во продолжение погледнете ја галеријата од модното дефиле на црвениот килим.

 

 

 

Објавено:
15 септември 2014
Категорија: 
Сцена