На гости во егзотичната вила на Дона Каран

6 септември 2014

Американската дизајнерка Дона Каран за своите колекции често инспирација бара во природата. Нејзината љубов кон мирот и тишината можеме да ја почувствуваме во извонредниот ентериер на нејзината летна вила лоцирана на островот Parrot Cay, кој е дел од групата острови кои се наоѓаат во срцето на Карипското море.

Во овој земски рај, заедно со своето семејство, креаторката  ужива и акумулира енергија за нови предизвици, далеку од очите на цивилизацијата. Луксузната вила која ги комбинира стиловите на Истокот и Западот е дело на архитектите и дизајнери за домашни ентериери Енрико Бонети, Доминик Козерски и Чонг Ју Куан.

Летната резиденција вклучува три помали вили и три отворени шатори кои имаат апликации од егзотичната атмосфера на островот Бали, што впрочем е и омилена дестинација на Каран. Во склоп со вилата има и огромен базен чиј дизајн создава оптичка илузија на бесконечност, па на прв поглед изгледа како водата да се протега далеку се до хоризонтот каде се бакнуваат небото и земјата.

Уникатниот дом е олицетворение на комфорт, благодарение на природните материјали од кои е изработен мебелот, но и декоративните елементи. Желбата на дизајнерката била таа да се чувствува како дел од природата и тој ефект е дефинитивно постигнат. Во целиот внатрешен простор владее отмена хармонија, а лизгачките врати и прозори дискретно го насочуваат нашиот поглед кон светлината и синилото.

Бројните тропски украсни предмети кои можат да се видат во домот креираат неповторлив егзотичен амбиент и на просторот му даваат разиграност и свежина. Палетата на бои во главно е топла и мека со особен фокус на земјените нијанси. Дизајнот на мебелот е комплетно во африкански стил и е надополнет со оригинални предмети кои Каран ги има купено за време на своите патувања не само во Африка туку низ целиот свет. Ѕидовите на главната спална соба се направени од кедрово дрво,а таванот е декориран со високо квалитетна слама.

 

Објавено:
6 септември 2014
Категорија: 
Сцена